Европската Унија со посебен механизам ќе обезбеди вакцини за коронавирус за Западен Балкан „што е можно поскоро“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Таа објасни дека се покажало оти постапката за доставување вакцини на сиромашните и земјите надвор од Унијата преку меѓународниот механизам Ковакс е комплицирана и затоа е одлучено со посебен механизам на ЕУ да се обезбедат вакцини на Западен Балкан, кои ќе ги дадат членките на ЕУ.
Лидерите на ЕУ исто така одлучија дека брзото ширење на опасната нова варијанта на вирусот „силно ги обесхрабрува патувањата кои не се итни“ во рамките на Унијата, но исто така го зачувува единствениот пазар на ЕУ и „Шенген зоната“. Урсула фон дер Лејен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, посочија дека расте загриженоста во ЕУ за ширење на нова варијанта на коронавирусот и истакнаа дека ќе бидат преземени сите мерки за забрзување на масовната вакцинација на населението во ЕУ. Тие истакнаа дека целта е да се вакцинираат најмалку 70% од населението во ЕУ до летото.