Членот на Државниот кризен штаб за борба против пандемијата, д-р Предраг Кон, гостувајќи во ТВ Пинк укажа на алармантниот факт дека дури 57 проценти од заразените не знаат каде се заразиле, што автоматски покажува дека вирусот циркулира, а постои и посебна опасност од инфекција во јавниот превоз и во другите затворени простори.
Тој предупреди дека претстојат испити, матурски вечери и други прослави, кои се ризични собири.
– Лично, мислам дека ситуацијата е влошена доволно и дека треба да се опаметиме. Може да размислиме и за запирање на работата на ноќните клубови и за намалување на работното време на локалите – рече Кон.
Тој рече дека ова се некои мерки што се разгледуваат во кризниот штаб и смета дека е подобро тие што поскоро да бидат донесени, отколку епидемиолошката состојба да се влошува понатаму.
Во последниве денови Србија бележи остар скок на бројот на новозаразени, а според најновите официјални податоци, од 7.311 тестирани примероци за 24 часа, потврдени се уште 137 случаи на коронавирус, а едно лице починало. Во претходните два дена се регистрирани 102, потоа 143 новозаразени.
Бројот на пациенти во болниците и на респираторите е зголемен – од 861 во среда на 954 пациенти во четврток, а од 21 на 24 пациенти на вештачка вентилација на белите дробови.