Грција одлучи да се затворат основните училишта, градинките и детските центри во услови на зголемување на бројот на заразени со коронавирус. Во училиштата наставата ќе се следи онлајн.
– Грчката влада донесе одлука за прекин на работата на училиштата до 30 ноември. Затворањето на основните училишта беше последното нешто што сакавме да го направиме. Ова е мерка што покажува колку е сериозна ситуацијата – рече министерот за здравство, Василис Кикиљас.
Средните училишта се веќе затворени и наставата се одвива на далечина. Повеќето европски земји ги држеа училиштата отворени за време на вториот бран со Ковид-19 кој го погоди континентот од септември, за разлика од март и април, кога училиштата беа затворени со првите мерки.
Светската здравствена организација препорачува да се затворат училиштата како последно средство. Од крајот на октомври, дневниот број на смртни случаи во Грција е зголемен за четири пати, додека бројот на заразени е двојно зголемен.
„Следните недели ќе бидат крајно критични“, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред грчкиот парламент, каде ги информираше пратениците за втората блокада на земјата.
Блокадата во Грција почна минатата недела и треба да трае до 30 ноември, иако експертите сугерираат дека може да трае подолго.
Од петокот, во цела Грција е воведен полициски час од 21:00 до 05:00 часот.
Земјата со 10,9 милиони жители регистрираше 997 смртни случаи и 69.675 заразени од почетокот на пандемијата.
Најсилно погодената област е северниот град Солун, вториот по големина град во Грција. „Здравствениот систем е во црвено“, предупреди министерот за здравство Кикиљас.