Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека утре во Србија ќе пристигнат 40.000 дози руска вакцина „спутник 5“, 20.000 за вакцинација и 20.000 за ревакцинација, а и другите вакцини ќе продолжат да пристигнуваат.
Вучиќ исто така најави дека вакцините на „Фајзер“ ќе пристигнуваат сукцесивно – 9.000 дози до 8 февруари, 41.000 до 15 февруари, а други 42.000 се очекуваат на 20 февруари.
– Велам 20 плус 20 затоа што втората доза не е иста како и првата, руската вакцина има различна содржина на таа вакцина, затоа особено внимавајте на првата и втората доза – рече Вучиќ.
Тој додаде дека е благодарен за сите вакцини што дошле во Србија, но дека е потребно многу повеќе.
– Имаме 6,5 милиони вакцини во договорите, а не можеме да ја добиеме вакцината. Среќен сум кога земаме 10.000 дози од пријатели, но не можеме да кажеме од кого ги зедовме – рече Вучиќ во изјава за медиумите во Домот на гардата во Топчидер.
Тој додаде дека сите луѓе кои се вакцинирани не треба да се грижат за ревакцинацијата.
– Ние не си играме со тоа. Добивме совет од лекари кои рекоа вакцина-ревакцинација. Подобро е да се знае дека имаме заштитени 600.000 луѓе, отколку да погодуваме кој од 1,2 милиони е заштитен (ако прими само една доза и не е ревакциниран). Секој што примил вакцина ќе добие ревакцинација – подвлече Вучиќ.