Според српските медиуми, епидемиолошките податоци во Србија се охрабрувачки, но не и одговорот на младите на вакцинацијата.
Со цел да се охрабрат младите да се вакцинираат, се воведуваат разни награди, така што сите студенти кои ќе се вакцинираат, како и оние кои веќе примиле вакцина, ќе добијат еден месец бесплатно користење на теретана и сауна, како и бесплатен паркинг во рамките на Студентскиот центар. Исто така, вакцинираните студнти ќе добијат бесплатна карта за фестивалот во Нови Сад – „Егзит“.
Агенцијата за лекови и медицински помагала на Србија се очекува наскоро да донесе одлука дали на децата на возраст од 12 до 15 години да им се даваат вакцини против коронавирус.
Државниот секретар на Министерството за здравство, Мирсад Шерлек, за РТС изјави дека очекува комисијата да даде позитивна проценка, како и тоа дека вакцината најверојатно најпрво ќе им биде препорачана на деца кои страдаат од хронични болести.