Како што најавивме, нашиот дописник од Сплит, Ангел Митревски, успеа да обезбеди ексклузивно интервју со двајца научници што деновиве се во средиштето на интересирањето, тоа се проф. Мирослав Радман, првиот човек на Медитеранскиот институт за животни науки, и Тинка Видовиќ, членка на неговиот тим, која неодамна во САД доби награда за откривање можен лек против коронавирусот, кое веќе го објавивме
Интервју со проф. Мирослав
Радман, oсновач и раководител на МЕДИЛС во Сплит, Хрватска
Името на проф. Мирослав Радман деновиве стана особено актуелно во хрватската, но и во светската научна јавност, откако членката на неговиот тим во Медитеранскиот институт за животни науки (МЕДИЛС) Тинка Видовиќ, доби високо признание на меѓународниот натпревар во американска организација, за наоѓање лек против коронавирусот. Тоа беше повод да го побараме овој врвен научник од светски глас, член на Американската академија на науките и уметностите и на Француската академија на науките и уметностите, и да поразговараме за актуелната ситуација околу пандемијата на коронавирусот, но и за други теми од областа што ја обработува неговиот институт.
Дамнешното познанство со овој несекојдневен човек беше причина повеќе да се подотвори вратата на институтот, но можеби пресудна беше желбата да зборува за македонски медиум, во спомен на еден негов долгогодишен, прерано починат пријател, Македонец, кој починал од канцерогена болест, што на извесен начин ја насочило кариерата на проф. Радман кон микробилогијата и светските откритија за човечкиот живот.
– Ако се осврнеме на коронавирусот, можеме да дојдеме до заклучок дека со пребрзиот развој на пребрзите технологии во светот го имаме изгубено здравиот разум. Нема веќе ни вистински пристап на докторите кон пациентот, туку сето тоа е модернизирано и роботизирано, па уште малку и роботите ќе ни поставуваат дијагнози и ќе ни пропишуваат лекови за некои болести.
Сегашните доктори, по лабораториските испитувања, ви пропишуваат препорачани лекови без да ја знаат целата слика на нивното дејство во човечкиот организам, така што со влегувањето на таа висока технологија во медицината и во самото размислување на докторите, го напуштивме здравиот памет на селанецот и рибарот, кои кога немале здрав памет умирале од глад или ќе се удавеле во морето. Дарвинистички е казнувана секоја глупост на човекот. За жал, тоа го нема сега и глупоста напредува исто како и паметот и знаењето, па на крајот сѐ се сведува на комерцијала и продажба – објаснува тој.
Кажете ни нешто повеќе за успехот на вашиот тим, поточно на Тинка Видовиќ.
– Тинка Видовиќ зеде трето место на конкурсот во Америка. Морам да признаам дека идејата да се пријави на овој конкурс е 100 отсто нејзина иницијатива, без мое менторство, а мојот единствен придонес во сето тоа е што успеав да ја насочам на прав пат и успеав да не ја ограничувам во нејзината истражувачка мисија на која е посветена со целото свое битие. Нејзината награда, веројатно, ќе ни отвори пат до некои извори на финансирање, веќе ни се јавија и потенцијални донатори, па изгледа дека ќе ни треба и добар адвокат за да ги заштитиме сите права што произлегуваат од нејзиниот пронајдок.
Таа напросто ја покажа силата на биоинформатичките методи во откривање соодветни производи, кои можат да се борат против вирусите. Се надеваме дека овие успеси ќе ни послужат како реклама за нашата работа и тоа навистина заслужено, бидејќи тоа е единствена награда од Европа, и тоа од Сплит. Што се однесува до тимот, моментално во МЕДИЛС имаме десетина научници од сите страни на светот, така што можете да слушнете муабети на најмалку шест-седум светски јазици.
Кажете ни нешто повеќе за институтот.
– Некаде околу 2005 година бев доста често на радио и на телевизија, бидејќи бев убеден дека морам да им ја приближам на народот и на јавноста природата на нашата работа, да покажам дека ние, истражувачите, не сме луѓе што не работат ништо, кои не му поднесуваат никакви извештаи никому и само трошат пари попусто. Зошто го велам ова? Па како ви изгледа професија што се занимава исклучиво со непознатото, чиј објект на истражување е она што не го знаете, бидејќи обично се анализира она што е познато, што се гледа и што може да се измери. Во мојата работа, мерењето е апстракција бидејќи не можете да мерите нешто што воопшто не знаете што е, што ја прави нашата професија на научници/истражувачи многу специфична. Тоа се луѓе што полека со векови го поткраднуваат бесконечниот простор на незнаење, со мали чекори кон зголемување на веќе постигнатото знаење што го имаме зад нас. Ние сме точно на границата помеѓу познатото и непознатото, неиспитаното, неистраженото. Ние сме како една мембрана преку која пробуваме да ја помрднеме напред границата помеѓу познатото и непознатото.
Како дојде до формирање на институтот?
– На возраст од 32-33 години имав една „луда“ идеја дека баш овде, во Сплит, во оваа бивша касарна, би можело да се направи нешто единствено во целиот свет. Подобро, поефикасно, без бирократија, со преземање на ризикот од сето тоа, да пробам да „одиграм еден голем натпревар“ што, гледајќи го морето пред себе, ме потсетува една мала фраза од Херман Мелвил, авторот на „Моби Дик“, кој рекол: „Подобро да не уловам голема риба, отколку да фатам некоја мала“. Значи, си дадов задача: „Одам во лов на големи риби, затоа што ни во науката, а ни во уметноста не можеш да успееш со мали работи“. Така, уште од почетокот ја поставивме целта на овој институт, а тоа е овде да се одвиваат големи проекти, бидејќи никогаш во животот не сум се задоволувал со просечноста, а камоли со помали проекти. Тие големи проекти би оделе дури до денешните граници на науката па и понатаму, според емоциите дека мора да се направи нешто големо.
Колку успеавте во вашите намери?
– Нескромно, по сево ова би резимирал дека во последните десет години на нашата научна работа во Сплит, создадовме еден свој научен идентитет, работиме на еден начин со такви проекти, со таква визија со која никој друг на светот не работи. Значи, или ние сме во крива насока, па во следните 50 години ќе се потрошат уште неколку трилиони долари, како во претходните 50 години со работење на неколку милиони доктори и техничари што работеле на ова, да се спречат болестите на стареењето, канцери и други дегенеративни болести. Ни по 50 години, не е пронајден ни еден лек за ова. Значи, и во следните 50 години никој не гарантира дека ќе се пронајде таков лек. Мерејќи ги сите овие параметри, дојдовме до заклучок дека е грешка кога во светот сите пробуваат да ги лекуваат последиците на стареењето, а не неговото спречување. Сите гледаат да откријат лекови што би ги санирале последиците од некоја болест, додека ние гледаме да ги откриеме причините за стареењето за што можам да речам дека сум задоволен со она што го откривме.
Во следните неколку години очекувам дека ќе успееме да го убедиме во тоа и овој доста конзервативен, биомедицински естаблишмент, кој меѓусебно си доделува средства за проекти неуспешни ни по педесетина години работа, така што нашиот живот на биомедицински пионери истражувачи, воопшто не е лесен, бидејќи од Р Хрватска не добиваме никакви средства, освен овој красен простор, кој ни е даден во концесија на 40 години, но тоа е како некој да ви подари „ролс-ројс“, а да немате пари за гориво и за неговото скапо одржување. Јас се најдов во иста таква ситуација, па затоа и се свртев кон странство, барајќи некои богати донатори, кои можат да одвојат одредени суми за нашите проекти, како и со некои фирми од „Кембриџ“, кои вложуваат средства врз основа на нашите поранешни откритија.
Така што МЕДИЛС, кој е непрофитен, приватен институт, е самостоен и независен, слично како и „Нова Македонија“, па не зависиме од политичарите. Некои влади ветуваа дека ќе ни помогнат, а некои од овој институт би направиле коцкарница. Значи, повеќе од 95 отсто од средствата за работа се добиваат од донатори од Франција и од Англија. Преостанатите 5 проценти се од донатори со приватен капитал од Хрватска. Сега се појавуваат и инвеститори од САД, бидејќи сме на прагот на откритието дека сите молекули можат преку одредени протеини да се заштитат од оксидација, ’рѓосување. Ова би довело до тоа дека секој човек би можел да го доживее целиот свој животен век, зададен преку капацитетот на својот геном. Значи дека сите би можеле да живеат околу сто години и тоа во вистинска смисла на животот, без користење никакви лекови до својата длабока старост. Ова би можеле да го наречеме здраво стареење и продолжување на здрав работен век на поголемиот дел од светската популација. Што значи би дошле во ситуација луѓето да не умираат од дегенеративни и слични болести во своите 70-80-ти години, туку некаде околу 100-110 години од последица на својата старост.
За крај, ако ми дозволите, сакам да испратам отворен повик до сите млади талентирани научници микробиолози во Македонија да се јават на страницата на МЕДИЛС во Сплит и да започнат со својата научна кариера токму овде во Европа.
Ангел Митревски за „Нова Македонија“ од Сплит