Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, ја посети ковид-болница во Батајница, каде што во моментов се згрижени 900 пациенти. Тој рече дека состојбата во црвената зона не може да се опише и апелираше до сите да ги почитуваат мерките за да се спасат животи, да се спаси здравствениот систем и што е можно побрзо враќање на сите во нормала.
Директорката на болницата, д-р Татјана Аџиќ-Вукишевиќ вели дека е забележан огромен број на приеми во последните десет дена.
Златибор Лончар влезе во црвената зона каде што има позитивни ковид-пациенти, луѓе кои се борат за живот, затоа што, вели тој, чувствувал потреба да дојде и да обезбеди поддршка, пишува РТС.
– Имаме 900 пациенти тука, повеќе од 800 лекари и медицински сестри работат тука, заедно со помошен персонал. Сакав да поминам извесно време со нив и ќе доаѓам еднаш неделно да слушнам што друго можеме да направиме за да им помогнеме. Ситуацијата не може да се опише. Ќе продолжиме да се бориме и ќе им помагаме на луѓето на секој начин – рече Лончар.
Тој им порача на сите што мислат дека коронавирусот не постои и дека граѓаните не треба да се вакцинираат да се придржуваат до мерките и дека кога ќе видат како изгледа вистинска борба за живот, ќе сфатат дека не се во право.