Најголемиот дел од околу 15.000 македонски државјани кои кон крајот на март ја примија првата доза на вакцината „Астра Зенека” во Србија, викендов се ревакцинираат во Белград и во Ниш. Истовремено продолжува и слободната вакцинација за македонските граѓани на вакциналните пунктови ширум Србија.
Македонските државјани ќе се ревакцинираат исклучиво во градот каде што ја примиле првата доза. Термин за ревакцинација во Ниш имаат 5.700 македонски граѓани кои во март во истиот град ја примија вакцината на „Астра Зенека”, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора.
Процесот на ревакцинација на белградскиот саем викендов ќе се одвива со продолжено работно време до 17 часот. Предвидено е на тој вакцинален пункт викендов да се вакцинираат вкупно 13 илјади странски државјани.
На македонските државјани во Врање вчера им биле дадени 422 дози вакцини против коронавирус, според статистиката на Здравствениот дом во градот. Во Врање до завчера се вакцинирани вкупно 7.088 македонски граѓани.