Сепак, старите и хронично болните лица треба да бидат и понатаму внимателни кога ќе влегуваат во затворени простории
Иако во моментов се регистрира благ пораст на бројките на нови позитивни случаи од ковид-19, тој пораст е очекуван, со оглед на велигденските, првомајските и рамазанските празници. Можеме да бидеме спокојни во текот на претстојниот период и за време на летните одмори
Дури иако есенските денови донесат зголемен број на ковид-позитивни случаи, тоа нема да биде во драстични мерки.
Ваква е ковид-прогнозата за летниот период од годината, но и почетокот на есенските денови на епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски.
– Она што го прогнозиравме на почетокот на април, ете, сега се остварува. Порастот е благ и воопшто нема да влијае на општата епидемиолошка состојба. Болниците се полупразни, умрени нема. Треба да бидеме спокојни. Целосното релаксирање на мерките е сосема соодветна и пропорционална реакција на предизвикот – вели тој.
Сепак, смета дека старите и хронично болните лица треба да бидат и понатаму внимателни кога ќе влегуваат во затворени простории.
– Ризиците за заразување се навистина мали, но се присутни и понатаму. Тука би спомнал дека е разумно и понатаму да се инсистира на постојана вентилација на затворените простори – дуќаните, угостителските објекти. Тоа дополнително ќе ги намали ризиците за пренесување на вирусот – посочува тој.
Ова, според епидемиологот е особено важно за поединци кои имаат здравствен ризик.
– Сега, тие се во страв како да се движат во услови на комплетно релаксирани мерки. Со експлицитна препорака на Комисијата за заразни болести за водење сметка за вентилацијата, ќе се почувствуваат побезбедни. Се прашувам, зошто комисијата нема препорачано вентилација!? Кога и Светската здравствена организација ја препорачува – вели Даниловски.
Заклучува дека вирусот е дојден за да остане меѓу нас.
– Ќе стане ендемски жител со сезонски карактер. Тоа значи дека на есен, со интензивирање на социјалните контакти во затворено, може да се очекува да имаме сезонски пораст на бројките. Исто како за грипот и настинките. Но, тоа ни оддалеку нема да има апокалиптични димензии. Со апокалипсата е завршено. Така ќе биде, дури и ако станат доминантни новопојавените варијанти на вирусот, БА-4 и БА-5 (во Јужна Африка и САД). Едноставно, колективниот имунитет е непремостив бедем. Вирусот нема да биде веќе предизвик – вели епидемиологот.
Сепак, посочува дека предизвик во справувањето ќе остане постковид-синдромот.
– И сиромаштијата… – заклучува Даниловски.