Продажбите на антивирускиот лек на „Фајзер“, „паксловид“, ги надминаа оние на лекот создаден од ривалскиот „Мерк“ и сега доминираат на пазарот за средства за лечење на ковид-19, но побавното прифаќање од страна на пациентите од очекуваното би можело да ја намали продажбата во следните шест месеци, пишува „Фајненшл тајмс“. Појавата на овие лекови беше означена како можна пресвртница во борбата против пандемијата, па честопати во јавноста беа окарактеризирани како магични, чудотворни, револуционерни или во најмала рака ветувачки.
Групата за анализа на здравствени податоци „Ерфинити“ соопшти дека последните информации покажуваат оти брзото темпо од новите договори за снабдување потпишани од „Фајзер“ почнало да забавува поради слабиот процес на воведување на терапијата означена како клучна за стивнување на пандемијата.
До крајот на годинава би можел да се јави вишок од 70 милиони дози на „паксловид“ на глобалниот пазар, по зголемувањето на производството од страна на „Фајзер“ и слабата побарувачка за терапијата, што моментно ја прима и американскиот претседател Џо Бајден, откако заболе од ковид-19.
„Паксловид“, со кој лекувањето опфаќа 30 апчиња што се земаат во рок од пет дена, претставува еден од најпродаваните лекови во историјата на „Фајзер“, при што годинава е предвидена продажба од 22 милијарди долари, поради големиот број на државни нарачки.
Но „Ерфинити“ наведува дека недостигот на јавна информираност за достапноста на „паксловид“, загриженоста на докторите за ефектите од лекот при примање на други терапии, како и несоодветното тестирање за ковид-19 во одредени држави ја ограничува побарувачката и се очекува да и наштети на продажбата.
Се предвидува дека и „Мерк“ ќе има потешкотии за склучување на нови договори за неговиот лек поради резултатите од клиничките тестирања што покажуваат дека го намалува ризикот од хоспитализација за 30 отсто, во споредба со 89-те отсто на „паксловид“.
Прогнозата на намалување на продажбата би можела да претставува предизвик и за „Фајзер“ и за „Мерк“. „Фајзер“ соопшти дека планира да произведе 120 милиони дози на „паксловид“ годинава, но „Ерфинити“ проценува дека побарувачката ќе изнесува 50 милиони дози. „Мерк“ планира производство на 30 милиони дози на лекот „Лагеврио“ до крајот на годинава, но прогнозата е оти има побарувачка за половина од производството.