Според извештајот на Институтот за јавно здравје, во однос на возраста, најголем број, 85 или 87,6 проценти од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години
Здравствените власти водат евиденција и анализи за причините за смртноста од ковид-19. Интензивниот пораст на бројот на починати изминатиот период го лоцираат во коморбилитетите на пациентите.
Од Министерството за здравство велат дека од Институтот за јавно здравје информираат дека тенденцијата за зголемување на бројот на починати со компликации од ковид-19 е очекувана согласно состојбата со зголемениот број на заболени.
– Подетална стручна информација може да добиете од епидемиолозите од Институтот за јавно здравје, кој редовно ја објавува епидемиолошката состојба со новозаболени и починати лица и деталните информации поврзани со ковид-19 – се вели во одговорот од ресорното министерство.
Од Институтот за јавно здравје, пак, посочија дека имаат податоци за причините за смрт кај оние кај кои бил уврден позитивен тест на присуство на ковид-19.
Оттаму велат дека генерално, над 90 отсто од починатите со компликации од ковид-19, имале и други пропратни болести.
Според проценките на микробиологот проф. д-р Никола Пановски, колку повеќе новозаразени има, толку поголем ќе биде и бројот на хоспитализации, а со тоа и бројот на починати лица.
– Не се знае точната причина зошто со денови на дневно ниво имаме околу 20 смртни случаи, кои настанале како последица од ковид-19. Треба да се направат детални анализи, поединечно за секој смртен случај, како на пример, кои болести ги имале лицата, кои вакцини ги примиле, како и дали биле целосно вакцинирани – вели Пановски.
Да беше омикрон смртоносен како делта, на овие заразени ќе имавме и до 70 смртни случаи дневно
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 17 до 23 јануари годинава, пријавени се 97 смртни случаи во 20 градови, што е за 76,4 отсто повеќе во однос на минатата недела. Вчера имало рекорден број на починати за разлика од изминатиот период, или 26 смртни случаи на ковид-19.
На 24 месецов имало вкупно 22 починати и 718 нови случаи на ковид-19.
На 23 јануари имало нови 20 починати и 1.424 позитивни, а на 22 јануари нови 21 починати и 1.913 позитивни на ковид-19.
Податоците на Институтот за јавно здравје, во однос на возраста, најголем број, 85 или 87,6 проценти од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години.