Полицајците во областа Галиција во северозападна Шпанија, се изнаслушале неверојатни, но и смешни изговори и оправдувања за време на спроведените мерки за забрана за движење, наметнати на 15 март со цел намалување на ширењето на коронавирусот во земјата, пренесува „Ел Пас“.
– Одам да купам леб, одам да купам прехранбени намирници, се дел од нивните изговори. Но, нивниот изговор ретко кога е вистинит и најчесто им е здодевно во нивните домови – вели Лорензо, полициски службеник кој е дел од одделот за сообраќај на Цивилната Гарда.
И покрај инсистирањето на властите дека луѓето мора да останат во нивните домови со цел да се сузбие коронавирусот, има одредени луѓе кои поради најразлични причини, а најчесто досада, се ставаат себеси, а и другите, во опасност. Еве неколку интересни случаи во кои биле затекнати оние кои ги прекршиле мерките.
Ова не е вашиот дом
Откако 78-годишен велосипедист бил сопрен од цивилната гарда, тој излажал дека живее во непосредна близина, на крајот од селото, или околу 100 метри од локацијата каде што бил сопрен. Но, откако бил испратен од офицерите, жената во дворот изјавила дека тоа не е неговиот дом и дека таа живее тука веќе 60 години.
Испаднало дека на велосипедистот му било здодевно дома, и пропатувал десет километри. Овој престап може да му донесе казна од 300 до 30.000 евра.
Разнесуваме весници
Во неделата, полициска патрола сопрела комбе во кое затекнала тројца граѓани. Според мерките, дозволено е само по едно лице во возило. Откако биле прашани што прават, тие одговориле дека разнесуваат весници. Но, немале никакви докази за да го докажат тоа.
– Тие беа пропратени до нивниот дом и соодветно казнети. Сите ги знаат мерките и наредбите. Граѓаните се свесни дека ги прекршуваат, но сепак го прават тоа – вели Лорензо.
Изнајмување филмови не е добар изговор
Средовечна двојка била сопрена за време на денот и казнета. Нивниот изговор бил дека одат да изнајмат филм за да имаат што да гледаат таа ноќ. Лорензо вели дека нивниот изговор не е сериозна и итна причина за напуштање на домот. Згора, мерките дозволуваат излегување на само едно лице од домот.
Купувам леб – 21 километар подалеку од мојот дом
Цивилната гарда сопрела мотоциклист кој наводно, излегол да купи леб. Откако му бил побаран документ за идентификација, испаднало дека тој е оддалечен 21 километар од неговиот дом, а воопшто не купил леб во ниту еден петте града кои притоа ги поминал. Потоа, гардата го спровела до дома и му пишала соодветна казна.
Последниот аџија на Камино де Сантијаго
– Тој беше последниот аџија на Камино де Сантијаго. Велосипедист од околу 40 години. Без багаж и без пари. Одвај зборуваше шпански. Откако ја напуштил Франција, епидемијата од вирусот се проширила, и тој е заглавен. Спроведен е во Лалин, а локалните власти го затворија во изолација додека траат мерките – објаснува Лорензо.
Уапсен криминалец кој излегол да купи храна
Во неделата, гардата запрела човек кој испаднало дека е баран криминалец, а излегол со цел да купи храна. Откако службениците го идентификувале, откриле дека има долго криминално досие и долго време поминал во бегство. Потоа, бил испратен во затвор.