Моник Џексон добила ковид-19 на почетокот на пандемијата, а речиси шест месеци подоцна нејзе сѐ уште не ѝ е добро. Таа водела дневник со илустрации за симптомите, додека залудно се обидувала да се излечи, пренесува Би-би-си.

Моник се разболела во исто време со нејзината пријателка, откако биле на заедничко патување со воз. На почетокот се слушале и нивните симптоми биле слични, а после извесно време изгубиле контакт.

После две недели Моник се чувствувала како да има грип. Имала висока температура. Следната недела дишењето ѝ било отежнато. Дошла брзата помош, меѓутоа ѝ кажале дека нивото на кислород во нејзината крв е во ред.

– Ми рекоа дека имам паничен напад – вели Моник.

Во март во Велика Британија не вршеле масовни тестирања за ковид-19, тестовите биле чувани за најтешките случаи. Пробала сама да се излечи со природни лекови. Јадела лук и лути пиперки, меѓутоа не можела да им го почувствува вкусот. И постојано била уморна.

После две недели некои од симптомите поминале, но се појавиле нови.

– Чувствував бодежи во прстите. Беше речиси неиздржливо, левата страна цела ме болеше, мислев дека имам срцев удар – раскажува Моник.

Повикала брза помош меѓутоа тие ѝ рекле да се напие парацетамол. Тоа малку помогнало, меѓутоа потоа стомакот и грлото почнале да ѝ „горат“. Дури подоцна нејзините стомачни тегоби биле препознаени како симтоми на коронавирус.

После шест недели Моник почнала да чувствува печење додека мокри, а ја болеле и нозете. Докторот ѝ препишал три вида антибиотици.

– Беше агонија и потоа одеднаш сѐ престана – вели Моник.

Таа се исклучила од социјалните мрежи и престанала да гледа вести затоа што сето тоа ѝ предизвикувало панични напади.

Како што минувале неделите, нејзините симптоми биле заменувани со нови, побизарни. Болка во вратот, во увото, снемувала циркулација во рацете. Имала необичен осип по телото, а прстите на нозете ѝ станале црвени.

Минала многу време објаснувајќи им на докторите што ѝ се случува. Таа е незадоволна од тоа како функционира системот и смета дека би било подобро кога искрено би ѝ кажале дека не знаат како да ја лекуваат.

 

Дури после девет недели Моник била тестирана на ковид-19.

Пријателите пробувале да ѝ помогнат, меѓутоа по извесно време им се смачило зашто не знаеле што ѝ се случува.

Конечно Велика Британија почнала масовно со тестирања и Моник сакала повторно да се тестира.

Резултатот бил негативен. Тоа било големо олеснување затоа што тоа значи дека ќе може да се движи и да не ги зарази пријателите и семејството.

После четири месеци Моник се преселила за да биде поблузу до семејството, меѓутоа не се чувствувала подобро. Еднаш додека ја чистела собата само четири минути, паднала на подот зашто целосно снемала воздух.

Таа сѐ уште не знае како да си помогне себеси.