Авганистанка која го уби сопругот беше ослободена поради пандемијата
Во мај, три дена откако Форузан беше ослободена од затвор, таа излезе од куќата на нејзината мајка за да оди на пазар. Тоа беше првпат во изминатите шест години како стапнува на улиците на Херат, градот во истоимената провинција во Авганистан, пишува „Њујорк тајмс“.
Форузан беше беше тинејџерка кога нејзиното семејство договори нејзин брак со 25 години постар маж. Тој беше склон кон насилство, со што таа трпеше физичко и вербално злоставување во текот на 15 години. Едно утро, тој ја насочил агресијата кон една од нивните ќерки, по што Форузан земала лопата и го претепала до смрт. Таа потоа се предала на полицијата, а нејзиниот 12-годишен син Максуд, пак, тврдел оти и помогнал на мајка си во убиството. Форузан била обвинета за убиство и осудена на 10-годишна затворска казна. Максуд бил испратен во поправен дом каде што поминал две и пол години, а неговите сестри Моздах (9) и Матаб (7) биле сместени во безбедна куќа за жртви на насилство.
Форузан беше една од 20-те жени во женскиот затвор во Херат обвинети за убиство на сопрузите. Многумина од нив се соочувале со злоставување и истакнале дека се чувствуваат побезбедно и послободно во затвор отколку кога биле дома.
Повеќемина од нив оттогаш биле ослободени откако претседателот Ашраф Гани нареди ослободување на илјадници затвореници, главно жени, малолетници и болни, поради спречување на ширењето на коронавирусот.
Форузан беше меѓу оние што беа повикани да излезат во затворскиот двор, чекајќи да бидат пуштени на слобода, но управникот на затворот во одреден момент им кажал дека дошло до грешка и оти никој нема да биде пуштен во текот на денот.
Следниот ден во затворот избил хаос. Група на гневни затворенички се обиделе да ја урнат влезната капија, при што десетици биле повредени, од кои дел и сериозно. Им била ветена слобода од која не сакале да се откажат. Насилните демонстрации продолжиле, а во затворот завладеало безредие. Дел од затвореничките почнале да штрајкуваат со глад, а други се обиделе да извршат самоубиство барајќи да бидат пуштени надвор.
Најпосле владата дошла до решение. Ако жените сакале да бидат ослободени, тие можеле да го откупат остатокот од казната со одобрение од обвинителството. Форузан затоа позајмила нешто повеќе од илјада долари од нејзините роднини и ја платила слободата. Таа била пуштена од затворот на 11 мај.
– Благодарение на коронавирусот добив втора шанса за живот. Да излезам порано од затвор и да почнам нов живот со моите ќерки покрај мене – вели Форузан.
Нејзините ќерки сега се на 13 и на 15-годишна возраст, а синот, пак, отишол во Германија, каде што се обидува да добие азил, по излегувањето од поправниот дом.
Форузан и нејзините ќерки се повторно заедно, но тешката реалност за жените во Авганистан и натаму ги отежнува нивните животи. Форузан нема да може да најде работа наскоро, откако пандемијата ја погоди економијата оставајќи милиони без работа.
Форузан и нејзините деца живеат во куќата на нејзината мајка, соочувајќи се со закани за одмазда од семејството на нејзиниот сопруг.