Самоизолацијата за дел од најбогатите луѓе во светот значи тестови во странство за
ковид-19, лични доктори и подземни скривници

Автор: Руперт Нијт

Гардијан

Како и стотици илјадници луѓе во светот, супербогатите се подготвуваат за самоизолација по прогласувањето на пандемија од коронавирусот. Но нивните планови не значат само трупање резерви на средства за дезинфекција на раце и гледање телевизија.

Најбогатите луѓе во светот резервираат приватни авиони за да заминат во викендичките
или посебно подготвените бункери, во држави кои се чини дека го избегнаа најлошото од епидемијата на ковид-19.

Многумина од нив ангажираат лични доктори или медицински сестри на нивните летови за да се грижат за нив и нивните семејства во случај да бидат инфицирани со заразата. Богатите исто така ги опседнуваат докторите во приватните болници во Харли Стрит,
Лондон, и ширум светот, барајќи приватни тестови за коронавирус.

За да се избегне оптоварување на институциите за тестирање, британската национална
здравствена служба (НХС) порача дека ќе ги тестира само луѓето од „висок ризик“ за
болеста, односно оние кои имале близок контакт со потврден случај или кои неодамна се вратиле од високоризична земја.

– Ова доведе до голема побарувачка кај богатите кои сакаат да платат за приватни тестови. За жал, не можеме да одговориме на барањата, затоа што НХС соопшти дека сите тестови ќе се прават централно – изјави Марк Али, главен медицински директор во приватната болница од комплексот во Харли Стрит.

Одделот за здравство и социјална заштита издаде наредба дека сите тестови мора да бидат извршени од страна на НХС и Јавното здравство на Англија (ПХЕ).

Вработен во друга клиника од медицинскиот комплекс, кој сакаше да остане анонимен, изјави дека нивната клиника организирала тестови во други држави за загрижените клиенти или ќе испраќа примероци за тестирање во странство.

Али, кој е кардиоваскуларен хирург, порача дека неговите клиенти барале вакцина за ковид-19, иако научниците изјавија дека мора да се почека најмалку една година за неа.

– Епидемијата на ковид-19 дефинитивно предизвика паника кај луѓето. Дававме вакцини
за сезонски грип и правиме консултации со луѓе кои детално сакаат да разговараат за
нивното здравје и животниот стил – порача тој и додаде дека неговата клиника на
богатите им нуди интравенозна инфузија со витамини и минерали за подобрување на
имунолошкиот систем.

– Свесни сме дека 90 отсто од возрасните имаат недостаток од витамини што најдобро се решава со интравенозно подобрување на имунолошкиот систем. Интравенозната инфузија обезбедува брзо и оптимално снабдување нутриенти до сите клетки во телото, кои треба да вклучуваат витамин Ц, витамин Б12 комплекс, глутатион, цинк, аминокиселини како аринин, таурин, лизин и цитрулин. Третманот чини 350 фунти – вели докторот.

Адам Твидел, генерален директор на приватната авиокомпанија „Прајват флај“, изјави
дека неговата фирма забележала скок во резервациите затоа што богатите барале летови за евакуација од високоризичните држави до своите матични земји.

– Многу од групите се постари патници или лица со нарушено здравје кои не сакаат да
бидат изложени на метежите на аеродромите. Сега се врати до Лондон една група од јужна Франција, во која имаше пациент со слаб имунолошки систем – изјави тој.

Од една фирма која дава услуги на милионери порачаа дека оние кои не можат да си дозволат приватен авион, побарале да им биде обезбеден пристап до приватните чекалници на аеродромите, за да го избегнат ризикот од контакт со големи маси на луѓе
кои патуваат.

– На клиентите им е обезбеден приватен терминал и приватен апартман. Граничните и
безбедносните контроли, како и пријавувањето се вршат приватно и потоа клиентите се
упатуваат директно во авионот. Дури може да побараат авионот да биде расчистен за да ги сведат на минимум интеракциите со другите патници кон нивните седишта – велат од компанијата и додадоа дека еден нивен клиент кој го претворил домот во „воен бункер“, не примал никакви посетители, освен ако не поднесат детален извештај за контакти.

Роберт Висино, основач и директор на групацијата „Вивос“ од Калифорнија, која се
занимава со изградба на подземни скривници отпорни на природни катастрофи, изјави
дека неговата фирма забележала зголемена побарувачка и продажба откако започнала
епидемијата.

Превод: Билјана Здравковска