Капетанот во американската морнарица, кој со остро писмо чија содржина дојде и до јавноста, предупредуваше за здравјето на неговиот екипаж, по ширењето на коронавирусот на носачот на авиони „Теодор Рузвелт“ и самиот е позитивен на ковид-19, пренесуваат светските агенции.
Поради тоа што содржината на писмото беше објавена во американските медиуми, пред Генералштабот да донесе одлука за него, капетанот Брет Крозиер пред три дена беше разрешен од функцијата, но неговиот екипаж на носачот на авиони го испрати како херој.
Одземањето на командата на Крозиер врз бродот со екипаж од пет илјади војници, ја најави командантот на морнарицата Томас Модли, велејќи дека капетанот направил многу лоша проценка за време на кризата, непотребно ги вознемирил членовите на семејствата и го поткопал синџирот на команда.
Според „Њујорк Тајмс“, тестот за коронавирус на капетанот Крозиер е позитивен. Според изјавите на неговите поранешни колеги од Поморската академија, знаците на болеста кај него започнале да се јавуваат во четвртокот.
Американскиот министер за одбрана Марк Еспер ја бранеше одлуката за разрешување на капетанот, додавајќи дека Модли донел тешка одлука кога го семенил од функцијата Крозиер, додека носачот на авиони е закотвен на островот Гуам.
Еспер не кажа дали останатите официјални претставници на Пентагон се согласуваат со ваквата одлука, додавајќи дека истрагата е во тек. Тој за Си-ен-ен изјави дека половина од екипажот на „Теодор Рузвелт“ бил тестиран за коронавирус и дека досега има 155 позитивни.
Сепак, ниту еден од нив нема потреба од хоспитализација, рече Еспер.
На прашањето дали претседателот Доналд Трамп побарал смена на Крозиер, Еспер одговори дека тоа е одлука на командантот на морнарицата, која претседателот ја поддржува.
Во своето предупредувачко писмо, кое го објавија американските медиуми, Крозиер напиша дека екипажот не е во војна и дека морнарите не мора да умрат.
Голем број официјални претставници на Пентагон велат дека тој не требало да дозволи писмото да излезе во јавност.
Во неделата Трамп го поддржа неговото разрешување, велејќи дека тоа што го сторил капетанот е ужасно.
Носачот на авиони бил во Пацификот кога морнарицата го пријавила првиот случај на коронавирус на бродот пред една недела, по што вирусот започнал брзо да се шири меѓу морнарите.