Капетанот на американскиот носач на авиони „Теодор Рузвелт“, на кој има повеќе од 4.000 членови на екипажот, побарал итна помош поради појавата на коронавирус на неговиот брод.
– Не сме во војна, морнарите не мора да умрат. Ако не постапиме веднаш, не се грижиме за највредната работа што ја имаме – нашите морнари. Ширењето на болеста е во тек и се забрзува – напишал капетанот Брет Крозиер во писмо испратено до Пацифичката флота на морнарицата на САД, потврди Си-ен-ен.
Тој препорачува целиот екипаж да биде ставен во карантин.
– Потребна е одлучна акција. Извлекувањето на персонал од нуклеарен носач на авиони и нивно изолирање на две недели може да изгледа како вонредна мерка. Но, тоа е неопходно за безбедноста на нашите морнари – пишува капетанот, додавајќи дека над 4.000 млади мажи и жени на бродот се непотребно изложени на ризик.
Писмото на капетанот за прв пат го објави „Сан Франциско хроникал“. Според весникот, најмалку сто морнари се заразени со вирусот.
Крозиер исто така во писмото вели дека и покрај ситуацијата со коронавирус, бродот е подготвен за борба.
Морнарицата повеќе не го пријавува бројот на позитивни случаи на ковид-19 на своите бродови.
Некои аналитичари сметаат дека Стејт департментот не сака да го каже вистинскиот број на заразени бидејќи Кина и Северна Кореја би можеле да ја искористат ранливоста на бродот за воени маневри.
Според планот бродот требаше итно да се вкотви во пристаништето на американската територија Гуам, но на никој од морнарите нема да му биде дозволено да го напушти пристаништето.