„Атлантик“ ги пренесува искуствата на Американците со новиот сој на ковид-19
Мојата зараза почна со гребење на грлото на само неколку дена пред Денот на благодарноста (се слави во САД на 25 ноември – н.з.). Бидејќи сум вакцинирана, а два дена претходно имав негативен тест за ковид-19, првично ги сметав симптомите за обична настинка. Но за да бидам сигурна, повторно се тестирав неколку дена подоцна. Резултатот беше позитивен. Таквиот резултат го почувствував како предавство по 18 месеци известување за пандемијата. Додека одев дома од центарот за тестирање, сфатив дека немам поим што треба да правам, пишува Јасмин Тајаг во авторскиот текст за „Атлантик“ насловен „Немојте да бидете изненадени кога ќе фатите омикрон“.
Имав толку многу прашања – како да се изолирам во станот што го делам со други луѓе? Зошто треба да бидат 10 дена, како што докторите ми советуваа? Дали треба да се тестирам повторно, се прашувала новинарката.
По добивање на препораките од лекарите и откако нејзиниот партнер добил негативен тест, таа почнала да презема конкретни чекори – почнале да носат маски дома, да го проветруваат станот почесто и се префрлила да спие во друга просторија.
– Јадев оброци без вкус на мојата страна од станот. Еден по еден, симптомите кои ми беа познати на хартија, се појавија и во реалноста – кашлица, треска, замор, губење на чувството за мирис… Но се испостави дека не сум единствената која се чувствувала збунета во врска со тоа што треба да го прави – пишува Тајаг.
Со пристигнувањето на омикрон многумина Американци би можеле да се соочат со истата збунетост по заразата. Има многу нешта што не ни се познати за новиот вид на коронавирус, а тој се шири многу брзо. Иако невакцинираните се изложени на најголем ризик, ниту вакцинираните не се потполно безбедни. Затоа се поставува прашањето што треба да се прави.
– Засега, омикрон не треба да го смени начинот на кој Американците се однесуваат кога ќе се заразат. Остануваат сите препораки, без разлика дали се работи за делта, омикрон или која било друга грчка буква. Кога ќе дознаете дека сте заразени, ограничете ги контактите и само водете грижа за себе – вели епидемиологот од Универзитетот „Харвард“ Стивен Кислер.
Земајќи ја предвид заразноста на омикрон, препорачливо е да се носат маски кои пружаат поголема заштита, како на пример моделите „Н95“ и „КН95“, а дури и по студеното време прозорците можат да се држат подотворени за да се подобри проветрувањето на просториите, според Кислер.
Тајаг во меѓувреме потполно закрепнал од ковид-19 и примила трета доза вакцина.
– За среќа потполно закрепнав, со исклучок на враќањето во потполност на чувството за мирис. Оттогаш примив трета доза вакцина и прифатив дека повторно ќе се заразам од ковид-19, можеби и повеќепати. Ковид-19 еден ден би можел да стане ендемиски, сличен на обичната настинка, односно вообичаен дел од секојдневниот живот за повеќето луѓе. Најпосле дури и со омикрон, избивањето на заразата ќе стане помалку стресно – порачува Тајаг.
За среќа, засега е забележано дека новите случаи се со полесни симптоми, што веројатно важи и за омикрон, а како што дознаваме повеќе за новиот сој, така би можеле да се менуваат и препораките, како што смета авторката.