Погледот од мостот во Бруклин е зачудувачки како и секогаш. Целиот е покриен во раните утрински зраци. Јас сум скоро сам на мостот и првото лице што го гледам е Мохамед, полицаец што го познавам од Градското собрание. Тоа е првиот човек што го гледам денес и двајцата се насмевнуваме. „Како си, како е твоето семејство“ прашува тој. Вака Мара Геј почнува да го опишува секојдневниот живот во Големото Јаболко за време на пандемијата на коронавирус, во колумна за „Њујорк тајмс“.
Кога живеете во Њујорк, имате 8,5 милиони соседи. Ние се обидуваме да останеме во нашите мали станови за да ги спасиме нивните и животите на оние што ги сакаме. Како е тука во Њујорк, кој сега е дом на повеќе од седум отсто од случаите на коронавирус во светот?
Морничаво. Вознемирувачки. Училиштата се затворени исто како и повеќето продавници. Протокот на метрото е намален за скоро 90 отсто. Лекарите предупредуваат дека нашите болници немаат вентилатори и медицински материјали и се на работ на катастрофа.
Секој ден, дознаваме дека некој друг што го знаеме е болен. Завчера прочитав дека Кристел Кадет, млада болничарка со која разговарав пред неколку месеци, се бореше за нејзиниот живот. Во средата дознав дека еден постар пријател, кој е како втор татко за мене, е болен со денови. Секој ден, се грижиме. Се прашуваме дали нашите соседи можат да ја платат киријата. Ние пополека полудуваме. Се молиме. Чекаме за помош од сојузната влада, која се плашиме дека никогаш нема да дојде.
Почнав да шетам, да одам и да одам уште. Во неделата, прошетав преку мостот во Бруклин за да појадувам нарачана храна заедно со моја пријателка, секако на одредена дистанца.
Од страната на мостот на Менхетн, поминав покрај основно училиште како што имав направено многу пати досега, го прочитав написот на малата плоча на училиштето. „На 11 септември 2001 година, нашите сакани и храбри деца беа сведоци на најдоброто и најлошото од човештвото“, беше наведено на плакетата. Неколку блока подолу мојата пријателка Ема и јас се поздравивме со еден вид на воздушна прегратка, стоејќи на скоро два метри оддалеченост.
Но како како што минуват деновите во Њујорк, не опстојува само стравот, туку и решителноста. Ние правиме се што можеме за да си помогнеме едни на други. Во населбите низ градот, флаери се појавија низ улиците на Њујорк, кои нудат да им донесат намирници на оние кои не можат да ја напуштат куќата во наредните недели. „Јавете се или напишете и на Сузан. „Таа ќе најде некој што може да ви помогне, пишува во еден леток во Бруклин.
Еден извор на охрабрување беше и гувернерот Ендрју Куомо. Тој ни ги смирува нервите дновиве со чиста мисла која ја пренесува на конференциите за известување. Засега наоѓаме моменти на светлина на неочекувани места. Моите пријатели од детството и јас уживавме во карантинот преку видео-повици. Последниот пат кога сме се гледале толку често беше во средно училиште.
Одиме на долги прошетки на раното пролетно сонце, давајќи им на соседите многу простор додека се разминуваме. Виножитото се појавува на прозорците, нудејќи малку радост на градот на кој очајно му треба.