Без премиери на црвениот килим или церемонии за доделување награди, единствените ѕвезди кои секоја вечер добиваат аплауз се медицинските работници додека луѓето се потпираат еден на друг во единство
Автор: Рохит Тавани
Гардијан
Ние сме светот. Во 1985 година, очите на Мајкл Џексон, Стиви Вондер, Боб Дилан и секој друг врвен уметник зборуваа за она што се случуваше зад завесите. Добитниците на наградите „Греми“ ни ги скршија срцата и ги отворија паричниците за донации за гладните во Африка за кои се собраа над 60 милиони долари. Изведувачите чии гласови лично допреа до нашите души беа истите филантропи кои нè просветлија за проблемите поголеми од нашите незначајни животи.
Со тоа што целата светска популација е во различни фази од карантинот од коронавирусот, сега е најповолно време за нашите омилени уметници повторно да му дадат надеж на светот. За жал на инфлуенсерите од Твитер и Инстаграм се чини дека заврши ерата на статуси и славни молитви.
Кога Елтон Џон и некои од најголемите музичари во светот во живо одржаа концерт на социјалните мрежи поради ковид-19 пред осум милиони луѓе, останатите 7,45 милијарди заробени одлучија да не се вклучат во преносот. Потоа продолжи трендот на игнорирање на славните на социјалните мрежи.
Гал Гадот, позната по улогата на „Вовер вуман“, и нејзините актерски колеги предизвикаа илјада пати повеќе критики и туѓ срам отколку добра волја за нивното рецитирање на стиховите од песната „Imagine“ на Џон Ленон, која служи како химна на единството.
Ванеса Хаџинс ги урна сите надежи ако сметаше дека ќе стане славен епидемиолог кога на своите обожаватели им порача: „дури и сите да се заразат, очигледно е дека ќе има починати, што е лошо, но не и незибежно“. Кога советите за одржување на безбедна дистанца на фитнес-инструкторите додека покажуваат вежби покрај внатрешните базени и видео-пораките на личните тренери не успеаја да го спасат светот, културната елита го сврте вниманието кон содржини што народот ги бара.
Преку повеќе неуспешни обиди да дојдат до некаква важност среде замавот на светската пандемија, индустријата на славните брзо го промени правецот во стратегијата од заедништво и обединување во препораки за претпазливост и страшни предупредувања.
Лејди Гага, Тејлор Свифт, Семјуел Л. Џексон и дури Дејвид Летерман излегоа од мракот да ги пренесат препораките на СЗО и на Центарот за контрола и спречување на болести (ЦДЦ) за физичко дистанцирање и „останување дома“ преку слатки песнички и селфи-фотографии. Поттикнати од нарцисоидна и веројатно социопатска желба за родителска грижа, што ќе се случи кога никој нема да ги слуша славните кои најдобро знаат како треба да се поставува во кризни времиња? Ако богатите и славни не се во можност да бидат наш морален компас, кој тогаш ќе ни го покажува северот?
До денес, ниедна ѕвезда не успеа да го достигне ѕвездениот подем во царството на ковид-19 како д-р Ентони Фаучи, долгогодишен директор на американскиот Национален институт за алергологија и заразни болести. Прес-конференциите и пораките на Фаучи инспирираа мноштво хаштагови, фан-страници, фотомонтажи и дури играчки и свеќи. Откако е на функција од 1984 година, Фаучи никогаш немаше прилика да стане славен, сè досега.
Некои од најкреативните инспирации во историјата потекнуваат од оние што не се родени во монополот на креативноста. Фаучи, гувернерите Ендру Куомо на Њујорк и Гевин Њусом на Калифорнија, па дури и поларизираниот Доналд Трамп, го привлекоа вниманието на јавноста со нивните постојано присуство и ефикасни решенија за кризата од коронавирусот.
Сега кога владините функционери и доктори се славните личности што ги полнат медиумите, луѓето седат дома и конечно можат да се потпрат на себе за забава и единство. Сега „среќниот час“ се одржува меѓу пријатели кои можеби никогаш немаа време да се видат во реалниот живот, додека се појави цела индустрија за производство на позадини за видео-конференции на „Зум“.
Фотомонтажерите на „Редит“ и танчерите на плејбек на „Тикток“ го обединуваат народот и го забавуваат со секојдневни предизвици, трикови и топли предупредувања. Тие го претворија ковид-19 во голема алатка, докажувајќи дека доволна е добра мисла за да се има влијание, а не обратно.
Без премиери на црвен килим и гламурозни манифестации за доделување награди, сега единствените ѕвезди кои секоја вечер во седум часот добиваат аплауз се медицинските работници. Кога Том Хенкс откри дека има коронавирус, ние сфативме дека славните се исти како нас и токму тоа разочарува.
Можеби не само што е одраз на пандемијата, туку и на самото време, но се забележува дека опаѓа влијанието на инфлуенсерите. Секако, суперпопуларната к-поп груга БТС рутински ги заведува обожавателите во целиот свет, но ние веројатно никогаш нема да имаме друг крал на попот кој може да ја натера целата планета да реагира. Поминаа триесет и три години од песната „We are the world“, а ние уште се прашуваме, кои сме ние?
Превод: Билјана Здравковска