Триесетгодишен пациент почина откако посетил „корона-забава“ верувајќи дека вирусот е измама, соопштија здравствените власти од американската сојузна држава Тексас, објавува „Гардијан“.
– Непосредно пред смртта, пациентот ја погледна медицинската сестра и кажа, мислам дека направив грешка. Мислев дека ова е измама, но не е. Не сакам да создавам паника, но споделуваме некои вистински примери за да и помогнеме на нашата заедница да разбере дека вирусот е многу сериозен и оти може да се шири лесно – истакна д-р Џејн Еплби од болницата во Сан Антонио.
„Ковид-забава“ претставува собир чиј домаќин е лице дијагностицирано со коронавирус, со цел да се види дали заразата е вистинска ако уште некој заболи од неа, објасни докторката упатувајќи апел за почитување на превентивните мерки.
Тексас минатата недела бележеше рекорден број на заболени и смртни случаи поврзани со коронавирусот. Властите вчера известија за 8.196 нови случаи, 80 починати и вкупен број на 10.410 хоспитализирани лица поради вирусот.
Гувернерот на Тексас Грег Абот засега одбива да воведе карантин.