Истражувачите од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Питсбург објавија дека развиле ветувачки нов кандидат за вакцина против ковид-19, пренесува порталот „Фјучуризм“.
Раните испитувања на животни покажаа добри резултати досега, но човечките испитувања сè уште се во фаза на планирање. Истражувачите веќе имаа големо искуство од изминатите епидемии.
– Имавме претходно искуство со САРС во 2003 година и со МЕРС во 2014 година – рече Андреа Гамбото, вонреден професор по хирургија на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Питсбург.
Наместо преку игла, новиот лек ќе се внесува преку низа од микроелементи, како лепенка, составена од 400 ситни микроигли. Откако ќе се стави лепенката, микроелементите, кои се направени целосно од шеќер и протеини, се раствораат, не оставајќи никаква трага зад себе.
– Ние го развивме ова за да го надополниме оригиналниот метод што се користи за да се даде вакцината против мали сипаници, но како високотехнолошка верзија која е поефикасна – објаснува професорот Луис Фало од Медицинскиот факулет во Питсбург.