Како што почна музиката се прошири бран на возбуда низ публиката. Јас дојдов на стадионот „Блумфилд“ во Тел Авив на концерт на израелскиот пејач Дикла, настан што беше прогласен за прослава за „враќањето на културата“. Тоа беше првиот музички настап во живо на кој присуствував по повеќе од една година. На стадионот со капацитет од 30 илјади места се наоѓаа само 500 вакцинирани Израелци, но беше возбудливо да се биде во публиката по повеќе од една година исполнета со карантини во пандемијата, пишува Изабел Кершнер во нејзиниот авторски текст за „Њујорк тајмс“, насловен „Мојот живот во храбрата нова пост-пандемиска иднина на Израел“.
Присуството на публиката беше ограничено на седиштата помеѓу кои имаше дистанца, со што посетителите носеа маски. Но атмосферата беше возбудлива и го потврди мојот статус на новата привилегирана класа на потполно вакцинираните против ковид-19.
Ние сме група која вклучува повеќе од половина од деветте милиони жители на Израел, кои добиваат можност да ја искусат пост-пандемиската иднина. Членството се добива со т.н. „зелена карта“ документ кој може да се симне и носи во телефонот.
Системот не е совршен и на многу начини не е ни вистински систем. Спроведувањето е нерамномерно, а има проблематични прашања и за оние што не се вакцинирани, како и дебати за прописите и обврските при враќањето во нормала.
Со намалувањето на бројот на случаи на ковид-19 во Израел, носителите на „зелени карти“ можат да посетуваат ресторани, да престојуваат во хотели, како и на културни, спортски и верски собири, на отворено и на затворено. Можеме да одиме во вежбалници, на базени и во театар, а можеме и да правиме свадби, пишува авторката, додавајќи дека ги прославуваат и пролетните празници во друштво на семејството и на пријателите.
Весниците и телевизиските станици рекламираат туристички дестинации кои ги примаат вакцинираните, како што се Грција, Грузија и Сејшелите, а кога резервирате маса во ресторан ве прашуваат дали имате „зелена карта“.
Но, нема гаранции дека ова е почеток на пост-пандемиската иднина. Бројните фактори како што се, одложувањето во производството на вакцини, појавата на нови видови на ковид-19 отпорни на вакцините и големиот број на невакцинирани Израелци, би можеле да ја нарушат оваа состојба. А новиот свет ги покажа и поделбите и нееднаквостите предизвикани од пристапот до вакцините. Пријатели и колеги од Западниот Брег и од Газа уште не можат да бидат вакцинирани, додека кампањата за вакцинација на Палестинците само што почнува, наспроти расправата за правните и моралните обрврски на Израел за здравјето на луѓето на оваа територија. Од друга страна околу милион луѓе не сакаат да се вакцинираат и покрај тоа што Израел има повеќе од доволно дози.
Ваквата ситуација создава горливи прашања. Дали и тие треба да добијат право да му се приклучат на светот? Дали е етички да се дискриминираат? Или дали е фер да се принудат вакцинираните да го делат истиот простор со оние кои одлучија да не се имунизираат?
За да се решат овие дилеми и за да им се излезе во пресрет на оние под 16-годишна возраст, израелската влада овозможи воведување на брзото тестирање пред објектите, како алтернатива за „зелената карта“. Но многумина го сметаат ова решение за непрактично. Се поставуваат и прашања дали вакцинацијата е услов за враќање на работното место.
– Живееме во прекрасна изолација. Рестрикциите уште го прават можноста за патување да изгледа застрашувачка, а странците главно не можат да влезат во државата. Ми недостига семејството преку океанот. Додека остатокот од светот нѐ стигне, ние сме нација која живее во меур – заклучува Кершнер.