Какво е чувството да имате коронавирус? Откако Клер Герада, 60-годишна докторка по општа медицина од Велика Британија била позитивна на ковид-19, таа го споделила нејзиното искуство во борбата против болеста од која веќе закрепнува, опишувајќи го како „потешко од пораѓање“, пренесува „Ал џезира“.
Нејзиното искуство дава објаснување што се случува со телото и зошто ги чувствуваме симптомите. Ковид-19, како и други вируси, бара тело-домаќин, со цел да се репродуцира, бидејќи доколку не го стори тоа, ќе умре.
Коронавирусите прво се пренесуваат од животни на луѓе, а потоа луѓето ги пренесуваат преку кивање и кашлање, стапување во контакт со површина на која вирусот престојува, а потоа допирање на очите, ноздрите или устата.
Откако ќе влезе во човековиот организам, коронавирусот патува во задниот дел на грлото и носот. Таму, вирусот со помош на „шилците“, кои личат на круна (по што го доби името) се закачува за мукозата на епителното ткиво и почнува со делување. Во задниот дел на носот, вирусот ги репрограмира носните клетки, тие ја прекинуваат нивната фунцкија и се фокусираат на произведување на коронавирусот.
Откако ќелиите ќе произведат повеќе од вирусот отколку што можат да издржат, тие пукаат и вирусот се населува на соседните клетки, по што циклусот почнува одново.
Уништувањето на клетките во носот и во грлото доведува до сувата кашлица и воспалено грло, а болката што ја чувствува заболениот е знак дека клетките се под напад и изумираат.
Потоа, настапува треската. Имуниот систем досега препознава дека е под напад на туѓо тело. Притоа, потребно е време за имуниот систем да испрати соодветен имунолошки одговор. Произведени се и мемориски келии, па во случај доколку вирусот да нападне во иднина, имунолошкиот одговор би бил побрз.
Хемикалии, наречени пирогени, се ослободени од имуниот систем, кои даваат инструкции на мозокот да ја зголеми температурата на телото на 37,8 степени Целзиусови или повеќе, со цел да се создаде непогодна состојба за вирусот.
Причината зошто голем број заразени луѓе се чувствуваат толку лошо кога ќе се заразат со ковид-19 е неговата способност за брзо дуплирање и агресивниот напад врз телото на домаќинот. За среќа, кај повеќето случаи симптомите завршуваат со треска, кашлица и висока температура.
Секако, постојат исклучоци. Некои лица не можат да се справат успешно со нападот на коронавирусот поради хронични болести или генерално ослабнатиот имунолошки систем.
Додека вирусот се дуплицира и проширува низ телото, се спушта по дишните патишта кон белите дробови, и ги спречува да внесуваат кислород и да изнесуваат јаглерод диоксид. Тоа предизвикува белите дробови да имаат потешкотија во нивната работа, а заразениот се чувствува како да го стегаат градите и да го губи здивот.
Движењето исто така е отежнато, бидејќи тоа се труди да заштеди енергија за борбата против вирусот. Со напаѓањето на сѐ поголем дел од белите дробови, тие се полнат со течност и гној, по што доаѓа пневмонијата. Со понатамошното отекување, пациентот треба да биде ставен на респиратор, и за жал, во оваа фаза веќе постои ризик од смрт доколку белите дробови целосно откажат.
Некои пациенти како симптом ја наведуваат и дијареата. Всушност, вирусот може да се спушти во цревата и да предизвика потешкотии.
Ситуацијата со коронавирусот постојано се менува од ден во ден, а експертите постојано учат нови работи за него. Но, важно е да се нагласи дека повеќето луѓе ќе закрепнат со благи до умерени симптоми и ќе создадат природен имунитет кон ковид-19, според докторката.