Том Хенкс и неговата сопруга Рита Вилсон

Авторка: Стефани Закарек

Тајм

Човекот е најголем непријател на себе, особено за време на пандемија. Ракувањето строго забрането, а возењето во јавен превоз е смртна пресуда додека сè повеќе луѓе решаваат да работат од дома. Но сите што сега се чувствуваат изолирани или вознемирени можат да се потпрат на една личност која е позната и глумеше во еден од најдобрите филмови за човековата самотија и желбата за поврзаност.

Во филмот „Бродолом на животот“ на Роберт Земекис од 2000 година, Том Хенкс глуми системски инженер на „Федекс“ кој завршува на пуст остров откако е единствениот преживеан од авионска несреќа. Со крвта од случајна исеченица, на една стара одбојкарска топка црта насмеано лице. Заедно со топката која ја нарекува Вилсон, прави една мини-цивилизација за себе и тоа е негова единствена комуникација во четирите години на островот.

На 11 март, Хенкс на Твитер објави дека заедно со сопругата, актерката и пејачка Рита Вилсон, биле во Австралија на снимањето на неговиот најнов филм, и оти биле позитивни на тестирањето за коронавирусот. Во објавата ги опиша симптомите слични на настинка, како замор, болки во зглобовите, блага треска и благо покачена температура. Но решиле да бидат одговорни и да се тестираат, а од друга страна се познати личности со пристап до нешта надвор од дофатот на обичните смртници. Без разлика на статусот, сакале да постапат правилно и откако ги добиле резултатите, почнале строго да се држат до протоколите и препораките на докторите.

Веста дека Хенкс и Вилсон се заразиле со вирусот не треба да крева црвена тревога дека ако се разболи позната личност, тогаш може секој обичен човек. Но исто така веста делува смирувачки затоа што тој не паничи и ги следи советите на докторите. Особено оние што живеат во САД, каде што администрацијата опасно го потценува ризикот, искреноста на Хенкс е мелем на рана. Тој како позната личност има пристап до одлична медицинска нега. Сепак, смртоносниот вирус не бира меѓу богатите и сиромашните. Хенкс и Вилсон припаѓаат во поранливата категорија на лица над 60 години, кои се под висок ризик да развијат посериозни симптоми на болеста. Сепак смиреноста и претпазливоста се чувствува во неговата објава на Твитер, а оптимизмот во делот „да видиме што ќе се случи додека се грижиме за туѓото здравје“ е токму она што му е потребно на светот.

Исто така постои факт дека кога ќе се разболи една позната личност, болеста станува пореална меѓу народот. Слично на тоа, сите оние во САД што веруваат дека коронавирусот е теорија на заговор, што ќе му речат на Том Хенкс в лице?

За останатите, за луѓето кои ги препознаваат ризиците, ги преземаат сите мерки и се надеваат дека сè ќе биде во ред, Хенкс не е само некој што ја смирува паниката (што е доволно), туку и потсетува дека уметноста, која го вклучува филмот и актерите, е најдобриот приказ на духот и сложеноста на човекот со сите контрадикторни и длабоки аспекти. Уметноста е мотивација во тешки времиња и ги надживува и самите творци. Уметноста е лик нацртан од крв на одбојкарска топка. Том Хенкс е тука за вас сега. Тој е вашиот лик, вашиот Вилсон.

Превод: Билјана Здравковска