Жионг Кингжен, инженер за беспилотни летала од Вухан, во февруари поминал повеќе од две недели во импровизирана болница каде се лекувал од коронавирус.
Секое утро и вечер, на 38-годишникот му била давана кафена супа – традиционален кинески лек со мешавина од над 20 билки, вклучително и ефедра, цимет и корен од рибизла.
Но, за разлика од повеќето пациенти околу него, Жионг бил скептичен за неговата ефикасност и одбил да го пие, објави Си-ен-ен.
– Според мое мислење, тоа е чисто плацебо – рекол Жионг, кој бил отпуштен кон крајот на февруари од импровизираната болница што ја воделе лекари кои користат Традиционална кинеска медицина (ТЦМ) и каде не се користел западниот начин на лекување и немало западни лекови, освен основни лекови, како што е за висок крвен притисок.
Супата за чистење на белите дробови и детоксикација, како што се нарекува хербалното соединение што му било давано, била дел од напорите на кинеската влада да користи Традиционална кинеска медицина (ТЦМ) во борбата против коронавирусот.
Додека научниците се натпреваруваат да најдат лек и вакцина против коронавирусот, Кина сè повеќе се свртува кон традиционалните лекови.
Кон крајот на минатиот месец, повеќе од 85% од сите пациенти со коронавирус во Кина – околу 60.000 луѓе – добиле хербални лекови заедно со антивирусни лекови, објави Министерството за наука и технологија.
– Ние сме подготвени да го споделиме кинеското искуство и кинеското решение на лекување на Ковид-19 и да дозволиме повеќе држави да ја запознаат кинеската медицина, да ја разберат кинеската медицина и да ја користат кинеската медицина – рече Ју Јанхонг, заменик-шеф на Националната администрација на Кина за Традиционалната кинеска медицина.
Но, дури и во Кина, каде ТЦМ има голем број приврзаници, владата не е во можност да ги потисне скептиците како Жионг.
Во странство, хербалните лекови може да се соочат со уште поголем скептицизам од западните медицински експерти, кои долго време ја доведуваат во прашање нивната безбедност и ефективност.
Научниците работат на изнаоѓање начини да го искоренат смртоносниот вирус. Но, засега, главните антивирусни третмани се фокусираат на олеснување на симптомите – и тука Кина верува дека нејзините антички лекови можат да помогнат.
– Со прилагодување на целото здравје на телото и подобрување на имунитетот, ТЦМ може да помогне во стимулирање на способностите на пациентите да се спротивстават и да се опорават од болеста, што е ефикасен начин на терапија – рече Ју, додавајќи дека традиционалната медицина помогнала во борбата против вирусите во минатото, како што е пандемијата на САРС во 2002 и 2003 година во која починаа стотици луѓе во Кина.
– Досега, повеќе од 50.000 пациенти се отпуштени од болница, а повеќето од нив користеле ТЦМ – рече Ју, наведувајќи дека пациентите побргу оздравеле со комбинирано лекување на кинеска традиционална медицина и западна медицина.
Во друга студија за посериозни случаи, пациентите кои примале комбинирани третмани исто така ја напуштиле болницата порано и имале поголемо ниво на кислород во крвта и повисоко ниво на лимфоцити – важен показател за здравјето на пациентите кои се опоравуваат.
Гао Ксијаојун, портпарол на здравствената комисија во Пекинг, рече дека традиционалната кинеска медицина одиграла активна улога во подобрувањето на стапката на закрепнување и намалување на стапката на смртност кај пациентите.
Сепак, Јанжонг Хуанг, постар колега на Гао за глобално здравје во Советот за надворешни работи со седиште во Вашингтон, рече дека треба да се има предвид дека 80% од пациентите со коронавирус се со лесни симптоми.
– Дури и ако не направат ништо, на крајот може да се опорават – рече тој.