Во втората половина на 2020 година, епидемиолозите почнаа да забележуваат загрижувачки феномен познат како вирусна рекомбинација, во која различни варијанти на ковид-19 разменуваа и комбинираа мутации за да формираат нов сој
Откако за првпат беше откриен во Индија во декември 2020 година, делта сојот стана сеприсутен насекаде низ светот. По појавата на мутацијата наречена делта плус, односно „AY.4.2“, експертите сега шпекулираат дали ова ќе биде последната супер варијанта на коронавирусот, или некој поопаснен сој нѐ демне во иднина, пренесува „Гардијан“.
По првичните драматични промени во неговата генетска секвенца, што доведе алфа и делта варијантите, експертите велат дека една од можностите е Сарс-КоВ-2 да мутира полека и стабилно, а потенцијално ќе достигне способност да стане имун на вакцините, но за тоа ќе бидат потребни многу години.
– Еволуцијата која ќе ја видиме ја нарекуваме антигенски скок. За грипот и другите коронавируси што досега ги знаеме, потребни се околу десет години да се акумулираат доволно промени за да не бидат препознаени од антителата во крвта – вели Франсоа Балу, директор на Институтот за генетика при Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Но, други експерти стравуваат од појавата на нови, таканаречени „супер варијанти“ на вирусот, кои ќе имаат поголема преносливост, вирулентност и ќе го избегнуваат имунитетот. Доктор Рави Гупта, професор по клиничка микробиологија на Универзитетот во Кембриџ, е 80 отсто сигурен дека ќе се појави уште една варијанта на коронавирусот. Прашањето на време е кога ќе се случи тоа, а како причина ја наведува отпорноста на вакцините, како и малиот број вакцинирани луѓе во сиромашните земји.
– Неизбежно е дека ќе се појави друга варијанта во наредните две години, која ќе се натпреварува со делта сојот, а можеби и ќе го надмине – вели Гупта.
Во втората половина на 2020 година, епидемиолозите почнаа да забележуваат загрижувачки феномен познат како вирусна рекомбинација, во која различни варијанти на ковид-19 разменуваа и комбинираа мутации за да формираат нов сој.
– За среќа, рекомбинацијата не е толку вообичаена, но таа останува потенцијален извор на нова супер варијанта, особено во делови од светот каде што значителен број од популацијата е невакциниран – вели Гупта.
Според негово истражување издадено годинава, Гупта смета дека користењето на крвна плазма во раните денови на пандемијата исто така е причина за формирање на мутации и нови ковид-варијанти.
Како друг потенцијален извор на нови супер варијанти се посочуваат и
новите ковид-лекови на „Фајзер“ и „Мерк“. Ако некој од овие вирусни мутации го преживее третманот со пилулите и се прошири на други лица, тоа теоретски би можело да поттикне појава на нови варијанти, истакнуваат дел од експертите, додека останатите тврдат дека на тешко болните не треба да им се ускратува лек кој потенцијално може да им го спаси животот.
Експертите очекуваат коронавирусот да продолжи да мутира во иднина, а посочуваат дека со вакцинација не може да се избориме против неговото ширење. Затоа, потребно е почитување на воведените заштитни мерки, како што се носењето заштитни маски и држењето дистанца.
Трка за успешна вакцина против новите соеви
Поради постојаното мутирање на вирусот, епидемиолозите се обидуваат да направат модел како би можела да изгледа нова супер варијанта на ковид-19, додека експертите развиваат втора генерација вакцини ефикасна против новите соеви.
Според Карин Џос, потпретседател и шеф на истражување и развој во американската фармацевтска компанија „Гритстон“, нивната вакцина од втора генерација засега се наоѓа во првата фаза од клиничките испитувања.