Градоначалникот на jапонскиот град Осака, Ичиро Мацуи, привлече многу критики на социјалните мрежи, откако изјави дека на жените им треба повеќе време за да купат намирници, додека ги промовираше мерките за социјална оддалеченост со цел да се спречи ширењето на вирусот.
– Кога жена оди на пазарење, за тоа е потребно време. Да бевте вие во прашање, ако ви беше речено да купите нешто, ќе направевте така и веднаш ќе се вратевте дома – рече Мацуи на прашањето од новинар, инаку маж, за евентуално ограничување на бројот на купувачи во продавниците.
Исто така, градоначалникот рече дека за мажите е во ред да одат на шопинг и да избегнуваат контакт, додавајќи дека брачните двојки треба да избегнуваат да купуваат заедно, пренесува „Ројтерс“.
Корисниците на Твитер остро го осудија неговиот коментар, велејќи дека е сексистички.
– Јапонија да биде земја каде што вакви зборови излегуваат од уста на градоначалник. Тоа е тажно – напиша еден корисник.
Еден од постовите посочува дека изјавите на градоначалникот покажуваат дека политичарите не размислуваат доволно за тоа што подразбира родителството, домашната работа и грижа.
Мацуи, исто така, рече дека луѓето ќе треба да го ограничат бројот на одења до продавница со тоа што сугерираше оние родени во парни месеци да одат на пазарење во парни денови и обратно.
Во Осака, според најновите податоци, 1.500 луѓе се заразиле од коронавирус, што го прави градот најранливо подрачје во Јапонија, после Токио.