Автор: Џон Пауер
Саут чајна морнинг пост
Идејата за групен имунитет се најде во центарот на вниманието на јавната свест поради широко критикуваниот британски одговор на пандемијата од коронавирусот. Пред целосно да го промени ставот, британскиот премиер Борис Џонсон соопшти минатата недела дека владата сака да го забави, наместо да го спречи ширењето на вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19, како дел од стратегијата според која требаше да се заразат дури 80 отсто од граѓаните пред популацијата да стекне имунитет.
Планот за домашна самоизолација на сомнителни случаи и нивните семејства и избегнувањето на рестрикции на движењето на луѓето за кратко беше отфрлен, откако научниците апелираа до владата дека најновите информации од Британија и Италија покажуваат дека таквиот пристап го оптоварува здравствениот систем, што би резултирало дури до 250.000 смртни случаи.
– Очекувавме да се стекне групен имунитет, но сега сфаќаме дека е невозможно да се справиме со проблемот – изјави Азра Гани, експертка по заразни болести на кралскиот колеџ во Лондон.
Што е групен имунитет?
По заздравувањето од заразна болест, нашиот имунолошки систем создава одбрана од вирусот за да може и во иднина да се избори со него. Вакцините функционираат на ист принцип. Групниот имунитет значи дека доволен број на лица стекнале имунитет од болеста преку вакцинација или инфекција, така што таа повеќе не се шири иако секогаш постои дел од населението кое не развива природна одбрана. Уделот на населението што треба да стекне групен имунитет варира од преносливоста на болеста, односно колку е позаразна, толку повеќе луѓе треба да бидат имуни за да го спречат ширењето. Иако научниците и натаму го испитуваат коронавирусот, сепак не се смета толку заразен како другите, со тоа што експертите проценуваат дека околу 60-70 отсто од населението треба да го добие за да се развие отпорност и да се спречи ширењето.
Дали ваквата стратегија е изводлива?
Прашањето не е дали, туку како и кога ќе стекнеме групен имунитет. Иако предвидувањата на некои западни држави се фаталистички, многу експерти веруваат дека неизбежно повеќето луѓе во светот на некој начин ќе се заразат, освен ако прво не се развие вакцина. Во тој случај, групниот имунитет би бил позитивен „несакан ефект“, иако десетици милиони веројатно ќе починат за да се постигне.
– Без вакцина, повеќето од нас ќе се заразат на некој начин во наредните неколку месеци или неколку години. Да се надеваме дека вакцината набрзо ќе биде достапна – изјави Бен Каулинг, експерт по заразни болести на универзитетот во Хонгконг.
Со спречувањето на ширењето на вирусот, барем на одреден период, властите не само што помагаат да се избегне катастрофално преоптоварување на здравствениот систем, туку и се добива драгоцено време за развивање на вакцина.
– Ако вирусот не може да се елиминира од светот, како САРС, тогаш идејата за карантин е да се намали брзината и размерот на ширењето за да може да функционира здравствениот систем – вели Хсу Ли Јанг, вонреден професор на државниот универзитет во Сингапур.
Британија се надеваше дека ќе избегне нарушување на нормалното функционирање на државата и ќе се фокусира на заштита на постарите и болни лица, истовремено одложувајќи го ширењето на вирусот кај општата популација. Здравствените власти очекуваа дека населението ќе стекне групен имунитет навреме за вториот бран на вирусите на зима. Но експертите заклучија дека ваквата мерка осум пати повеќе ќе го оптовари системот. Владиниот првичен план погрешно се сфати како отворање на вратите за болеста. Британската влада призна дека проблемот бил што доцна се вовеле првичните мерки.
– Станува збор за сериозно катастрофални резултати ако има премногу заразени во државата преку мерката за групен имунитет. Ова дефинитивно не е стратегија, туку мошне неповолен резултат. Целта е ширењето да се спречи со агресивни мерки за социјално дистанцирање – изјави Лоренс Гостин, директор на Институтот за закон за јавно и светско здравство при универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.
Дали функционира?
Иако научниците даваат процени за стапката на заразување за стекнување групен имунитет, сепак не е познато дали овој вирус ќе се однесува како останатите во минатото.
– Ако развиеме имунитет што ќе го спречи повторното инфицирање најмалку еден до два месеци, не значи дека тој ќе трае една или две години, а веќе постојат докази дека за други коронавируси се стекнува краткорочен имунитет, при што во тој случај ваквата идеја нема да успее и вирусот повторно ќе се шири. Исто така вирусот мутира додека се создава имунитетот, па потоа повторно треба да го повторуваме истиот процес – смета Џереми Росман, почесен професор по вирусологија на универзитетот во Кент.
Превод: Билјана Здравковска