Шпанските власти ќе водат регистар на луѓе што одбиваат вакцина против коронавирусот и ќе ги споделат податоците со другите европски земји. Сепак, податоците нема да бидат објавени во јавноста, соопшти Министерството за здравство.
Министерот Салвадор Ила рече дека е важно граѓаните да се вакцинираат против коронавирус, иако вакцинацијата што почна во многу земји на Европската Унија (ЕУ) не е задолжителна.
– Ќе направиме регистар на луѓе што не ја сакаат вакцината и тоа ќе го споделиме со другите европски земји – рече Ила додавајќи дека во регистарот ќе има луѓе на кои им е понудена вакцината, но ја одбиле.
Според него, регистарот не е документ што ќе ѝ биде презентиран на јавноста и ќе се земе предвид заштитата на податоците. Шпанската влада планира да вакцинира околу 2,5 милиона луѓе до крајот на февруари, а помеѓу 15 и 20 милиони до летото. Во таа земја речиси 50.000 луѓе починаа од коронавирус, а 1,8 милион беа заразени.