Швајцарците на референдум го поддржаа законот на кој се засноваат сертификатите за Ковид и се применуваат други ограничувања со цел намалување на заразата со коронавирус, објави АФП.
Набргу по затворањето на гласачките места, агенцијата ГФС Берн, која спроведуваше анкети за време на кампањата, предвиде дека гласањето „за“ ќе доведе до победа со 63 отсто од гласовите.
Референдумот се одржа во услови на зголемен гнев поради ограничувањата наметнати од пандемијата и беше придружен со тензии. Неколку политичари беа ставени под полициска заштита откако беа преплавени со бран навреди, па дури и смртни закани.
Швајцарците гласаа за закон усвоен во март, кој ги постави основите за сертификатот „Ковид“, кој сега го користи владата како услов за влез во ресторани и присуство на одредени настани.
Противниците на сертификатите тврдат дека законските измени создаваат систем на дискриминација.
Во Швајцарија, новите случаи на Ковид-19 се зголемени во последните недели, но за разлика од другите земји во Европа, владата не одговори со нови ограничувања. Сепак, доколку се потврдат предвидувањата за поддршка на Законот за Ковид, тие може да бидат наметнати.