Водечкиот американски експерт за инфективни болести, Ентони Фаучи, процени дека на вакцинираните Американци чиј имунолошки систем е загрозен, може да им треба дополнителна, трета, доза на вакцината против ковид-19, пренесува „Ројтерс“, посочувајќи дека САД се соочуваат со пораст на бројот на заразени со делта-сојот.
Во интервју за „Си-ен-ен“, Фаучи рече дека станува збор за пациенти кои имале трансплантација, кои биле подложени на хемотерапија за карцином, кои имаат автоимуни заболувања, кои се на имунотерапија, велејќи дека тие се првите кандидати за евентуално трета ревакцинација, што веројатно ќе следи.
Укажувајќи на студии кои покажуваат дека можеби има пад на имунитетот на луѓето кои биле вакцинирани, Фаучи рече дека здравствените власти на САД ги анализираат податоците за да утврдат кога ќе биде потребна ревакцинација.
Британската агенција потсетува дека минатата недела, израелското Министерство за здравство пријави намалување на ефикасноста на вакцината. Во исто време, израелски експерти рекоа дека вакцината развиена од „Фајзер“ и „Бионтек“, дадена во две дози, сепак, е многу ефикасна во спречување на сериозни болести.
Падот на ефикасноста се совпаѓа со ширењето на делта-сојот, кој сега е доминантен вид во Израел, според „Ројтерс“.