Германската полиција се судри со демонстрантите во Берлин, кои протестираат против рестриктивните мерки поради епидемијата на коронавирус. Полиција соопшти на Твитер дека се уапсени повеќе од 100 луѓе.
Демонстрантите извикувале „Го сакам својот живот назад“ и носеле транспаренти со кои пишувало „Да ги заштитиме уставните права“, „Слободата не е сѐ но без слобода сѐ е ништо“.
Локалните медиуми пренесуваат дека на плоштадот Роза Луксембург се собрале околу илјада луѓе. Некои демонстранти се обиделе да држат дистанца седејќи на трева и улица и носејќи маски, но некои се групирале, пренесе Ројтерс.
Во Германија, како и некои други земји, на сила се рестриктивни мерки поради сузбивање на ширењето на коронавирусот.
Демонстрантите делеле весници со текст под насловот „Демократски отпор“, во кој се вели дека новиот коронавирус е обид да се држи власта со ширење страв меѓу граѓаните. Се наведува дека 127 лекари во светот ја доведуваат во прашање потребата за строги рестрикции.
Германскиот уставен суд на почетокот на месецот донесе одлука луѓето да имаат право да протестираат, ако се придржуваат на правилата за социјална дистанца.