Шведските здравствени власти признаа дека треба да го сменат мислењето на оние што се сомневаат во вакцините, а тоа е повеќе од една четвртина од населението, за да го постигнат посакуваниот колективен имунитет преку вакцинација, пишува „Блумберг“.
– Можам да разберам дека прифаќањето на вакцините моментно е на ниско ниво. Тоа е уште теоретско прашање бидејќи ние малку знаеме за предложените вакцини, а населението знае уште помалку – вели водечкиот шведски епидемиолог Андрес Тегнел.
Само 46 отсто од Швеѓаните велат дека сакаат да се вакцинираат, додека 26 отсто се противат, според неодамнешна анкета на „Новус“. Колективниот имунитет се остварува кога доволно луѓе во заедницата развиле имунитет откако биле заразени или преку вакцинацијата. Се проценува дека помеѓу 55 и 82 отсто од Швеѓаните треба да стекнат имунитет, за да се создаде колективен имунитет на државно ниво.
– Ова ќе биде многу важен комуникациски напор, за мудро да комуницираме за вакцините и за нивните ефекти и да ги соопштиме на населението – порача Тегнел.
Познато е дека Шведска го избегна карантинот овозможувајќи му на коронавирусот да се шири побрзо откако во другите држави. Иако стекнувањето на колективен имунитет преку изложеност никогаш не беше официјална стратегија, шведските власти се надеваа дека доволно луѓе ќе развијат антитела за да се заштитат од евентуално ново избивање на заразата. Но вториот бран, кој Тегнел мислеше дека Шведска може да го избегне, сепак, силно ја погоди скандинавската држава.
Шведска очекува дека ќе обезбеди доволно вакцини за да имунизира околу петина од населението во првите четири месеци од следната година, според најавите на шведскиот премиер Стефан Левен. Но властите се подготвуваат во случај на продолжуањето на пандемијата за барем уште една година. Тегнел, пак, се надева дека повеќе Швеѓани ќе ја прифатат вакцината со време, за што смета дека во прилог оди и опременоста на шведскиот здравствен систем