Тим од 10 меѓународни научници следниот месец ќе отпатува во кинескиот град Вухан за да го испита потеклото на ковид-19, соопшти Светската здравствена организација.
Кина не се спротивстави на независната истрага иако СЗО преговараше за пристап до градот неколку месеци. Се претпоставува дека вирусот потекнал од пазар во градот каде што се продаваат животни. Но, потрагата по изворот доведе до тензии, особено со САД. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја обвини Кина дека се обидува да ја скрие првичната епидемија.
Биолог од тимот што ќе го посети Вухан за новинската агенција „Асошиетед прес“ изјави дека СЗО не сака да пронаоѓа вина, туку да спречи идни епидемии.
– Навистина не станува збор за пронаоѓање виновна земја – рече Фабијан Леендерц од германскиот институт „Роберт Кох“.
– Се работи за обид да разбереме што се случило и потоа да видиме дали врз основа на тие податоци можеме да се обидеме да го намалиме ризикот во иднина – додаде тој.
Мисијата се очекува да трае четири или пет недели.