Богатите земји не треба да нарачуваат дополнителни дози на вакцини за нивната веќе вакцинирана популација, додека други земји сè уште немаат примено вакцини против Kовид-19, објави Светската здравствена организација (СЗО).
Шефот на СЗО, Тедрос Адан Гебрејезус, рече дека бројот на починати во пандемијата повторно се зголемува, варијантата „делта“ станува доминантна и многу земји сè уште не добиле доволно дози на вакцини за да ги заштитат своите здравствени работници.
„Варијантата делта се шири низ светот со застрашувачка брзина, што доведува до нов пораст на зараза со Ковид-19 и смртни случаи“, рече Тедрос, истакнувајќи дека многу заразната варијанта, првично откриена во Индија, е регистрирана во повеќе од 104 земји.
„Глобалниот јаз во снабдувањето со вакцини против Ковид-19 е крајно нерамномерен. Некои земји и региони всушност нарачуваат милиони дополнителни дози пред другите земји да обезбедат вакцини за своите здравствени работници и најранливите групи“, предупреди Тедрос.
Тој ги издвои производителите на вакцини „Фајзер“ и „Модерна“ како компании кои имаат за цел да им обезбедат дополнителни вакцини на земјите кои веќе имаат висока стапка на вакцинација. Наместо тоа, тие треба да ги пренасочат своите дози кон Ковакс програма за дистрибуција на вакцини кон посиромашните земји, рече Тедрос.
Главниот научник на СЗО, Соум Сваминатан, истакна дека глобалниот здравствен орган досега не видел доказ оти се потребни дополнителни дози на вакцината за оние кои веќе се целосно вакцинирани.
„Вакцинирањето треба да се заснова на наука и податоци, а не на одделни компании кои тврдат дека нивните вакцини треба да се администрираат како дополнителна доза“, рече Сваминатан.
Мајк Рајан, шеф на одделот за итни случаи на СЗО, предупреди дека „ќе гледаме наназад со лутина и срам“ ако земјите почнат да користат дози за дополнително вакцинирање, додека истовремено ранливи групи на луѓе сè уште умираат без вакцини.
„Тоа се луѓе кои сакаат да набават колач и да го изедат, а потоа сакаат да направат уште некој колач и да го јадат“, рече Рајан.
„Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „БиоНтек“ минатата недела објавија дека ќе побараат одобрување од европските и американските регулатори за вакцинација со трета доза што ќе го зајакне имунитетот шест месеци по вакцинацијата.
Производителите сè уште ги немаат достапно податоците за да го поддржат ваквото барање, но најавија дека тоа ќе го сторат наскоро.