Се прават планови да се започне со производство на вакцини против коронавирус во Африка, поради зголемената загриженост за нееднаквиот пристап до вакцините за време на пандемијата.
Првиот центар за производство на вакцини ќе биде отворен во Јужна Африка, со помош на конзорциум, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО). Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса ги поздрави плановите како важен чекор напред кон Африка, која ќе стане помалку зависна од увезените вакцини.
– Никогаш не доаѓаат. Никогаш не пристигнуваат на време – рече тој.
Рамафоса дополни дека на тоа место исто така ќе се обучуваат квалификувани работници потребни за производство на вакцината.
– Оваа иницијатива е прва од многуте што ќе ги поддржиме – рече францускиот претседател Емануел Макрон.
Центарот може да ги произведе првите вакцини во рок од девет до 12 месеци, ако сè оди според планот. СЗО објави дека деталите за трансферот на технологија и соработката сепак треба да се договорат.
– Ова е одлична вест, особено за Африка, која има најслаб пристап до вакцини – рече директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус.
Државите разговараа за укинување на патентот за вакцини, за што особено се залагаа Јужна Африка и Индија при Светската трговска организација (СТО). Тедрос рече дека бројот на нови случаи во делови на Африка е зголемен за три пати, па дури и за четири пати, за неколку недели, делумно поради екстремно малата вакцинација.