Светската здравствена организација (СЗО) објави дека пандемијата ковид-19 во Азиско-пацифичкиот Регион е во критична фаза и оти мора да се вложат сите напори за да се ограничи ширењето и да се избегнат поопасни варијанти.
Такеши Касаи, регионален директор на СЗО за Западен Пацифик, истакна дека бројот на заразени со ковид и смртни случаи во азиско-пацифичките земји нагло расте, главно поради многу заразната делта варијанта.
Во првите три недели од август регионот имаше десет проценти од глобалната зараза ковид-19 и повеќе од осум проценти од глобалните смртни случаи.
– Во оваа критична фаза на пандемијата, да продолжиме да работиме заедно. Во наша моќ е да ја намалиме заканата од вирусот со тоа што ќе ја искористиме максимално секоја алатка што ја имаме денес за да се бориме против него – порача Касаи на онлајн прес-конференција.
Од СЗО споменуваат две сценарија кои се можни во наредните месеци.
Во првото сценарио, ризикот од ковид-19 може да се намали и да се управува со него како сезонски грип и други болести што може да се спречат со вакцинација и превентивни мерки.
Во второто сценарио, може да се развијат уште поопасни варијанти кои ќе се шират уште полесно, ќе предизвикуваат посериозни болести или ќе бидат отпорни на постоечките вакцини.
– Најдобар начин е да сториме сé што можеме за да го ограничиме ширењето веднаш – додаде Касаи.