Откако 18 милиони луѓе во Велика Британија се вакцинираа со „Астразенека“, британските регулатори утврдиле дека од згрутчување на кртвта по вакцинацијата починале седум лица, при што засега е нејасно дали вакцината ја предизвикала таквата состојба кај нив.
– Придобивките од спречување на инфекција со Ковид-19 и компликациите (од инфекцијата) сè уште ги надминуваат сите ризици и жителите треба да продолжат да примаат вакцини кога ќе бидат повикани – изјави за Би-би-си Џун Рајн, раководителка на британската Регулаторна агенција за медицина и здравје (МХРА).
Претходно, МХРА објави дека се регистрирани 30 случаи на згрутчување на крвта откако во Велика Британија инјектирани беа околу 18,1 милиони дози на вакцина на „Астразенека“ / Оксфорд.
Заклучно со 24 март, пријавени се 22 случаи на церебрална венска тромбоза и уште осум други случаи на тромбоза, соопшти агенцијата, истакнувајќи дека не е јасно дали тие случаи се поврзани со вакцинација.
Поради појава на згрутчување на крвта по вакцинирањето со „астра зенека“, некои земји ја ограничија употребата на оваа вакцина само на постари лица.
Холандија, пак, денеска објави дека привремено ја прекинала употребата на вакцината на „Астразенека“ до 7 април.
Холандското министерството за здравство во петокот соопшти дека привремено ги прекинува вакцинациите за лица помлади од 60 години, но по денешните консултации, здравствените служби одлучија да ги суспендираат сите вакцинации со „астра зенека“.
Во тек се истраги за да се утврди дали случаите на згрутчување на крвта во земјата биле предизвикани од вакцинацијата.
Лондон, пак, тврди дека вакцината е безбедна за сите возрасни групи.
Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека вакцината е безбедна, но исто така планира понатамошни консултации во светло на одлуките за ограничување на употребата на вакцината во некои земји-членки на ЕУ.