Компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“ објавија дека имаат потенцијална вакцина против ковид-19, која се покажало дека е повеќе од 90 отсто ефикасна против вирусот кај пациенти што претходно не биле заразени. Иако ова е најголемиот индикатор поврзан со потенцијалната дистрибуција на вакцините од почетокот на истражувањето, новите податоци од едно истражување покажуваат дека глобалната доверба во потенцијалната ефикасност на вакцината против ковид-19 полека се намалува.
Во ново истражување спроведено во 15 земји од „Ипсос“, процентот на возрасни лица што изјавиле дека дефинитивно би примиле вакцина против ковид-19 се намалил во периодот од август до октомври во повеќето земји.
Довербата во вакцината паднала најмногу кај кинеските граѓани, при што дури 97 проценти од испитаниците во август рекле дека дефинитивно би примиле вакцина, додека тој процент во октомври се намалил на 85 отсто. Други земји, како Бразил и Австралија, имаат слични падови, додека САД, Велика Британија и Јапонија забележале помали падови во довербата.
Меѓу анкетираните, над половина изјавиле дека би примиле вакцина во рок од три месеци откако ќе биде достапна. Дополнителни 22 отсто рекле дека би примиле веднаш, додека 10 проценти изјавиле дека би се вакцинирале во рок од една година. Од друга страна, 28 проценти изјавиле оти нема да се вакцинираат или нема да се вакцинираат во рок од една година.
„Фајзер“, меѓу другото, даде и општа временска рамка за тоа кога компанијата очекува масовно да произведува и дистрибуира вакцини. Таа соопшти дека целта ѝ е да дистрибуира 50 милиони вакцини до крајот на годината и да достигне приближно 1,3 милијарда вакцини во 2021 година. Податоците за истражувањето ќе бидат доставени за рецензија низ научни публикации. Извршниот директор на „Фајзер“ во едно интервју изјави дека компанијата планира да им ја продава вакцината релативно евтино на земјите, како и дека тие може потоа да им ја понудат бесплатно на граѓаните.