Меѓународниот туризам е тешко погоден од пандемијата на коронавирусот, а до крајот на годината бројот на меѓународни туристички патувања би можел да се намали дури 80 проценти, покажуваат процените на Агенцијата за туризам на ООН.
Во првото тримесечје бројот на меѓународните туристички пристигнувања поради пандемијата веќе е опаднат 22 процента, односно 67 милиони, според новиот туристички барометар на Светската туристичка организација на ООН (УНВТО).
Само во март е намален 57 проценти бидејќи многу земји воведоа ограничувања за движење и патување.
Падот на пристигнувањата во првите три месеци оваа година значи изгубен извоз од 80 милијарди долари, покажува истражувањето.
Состојбата во туристичкиот сектор може само да се влоши, наведува Агенцијата.
Доколку ограничувањата за патувања се укинат на почетокот на јули, бројот на туристи за оваа година би можел да се намали 58 проценти, утврди УНВТО.
Доколку бидат укинати на почетокот на септември, ќе паднат 70 проценти, а ако траат до почетокот на декември, тие ќе паднат 78 проценти.
Доколку ваквите предвидувања се остварат, приходите на милиони луѓе што живеат од туризам ќе бидат доведени во прашање, наведуваат авторите на студијата.
– Светот се соочува со невидена здравствена и економска криза – истакна генералниот секретар на УНВТО, Зураб Пололикашвили.
– Туризмот е силно погоден и во опасност се милиони работни места во секторот што спаѓа меѓу работно најинтензивните во економијата – се заклучува во студијата.