Пандемијата на коронавирусот дава шанса за нов поредок во светската политика, сметаат германската канцеларка, Ангела Меркел, и францускиот претседател, Емануел Макрон, како и други светски политичари.
„Светот ќе биде поинаков по пандемијата“, потенцираа Меркел и Макрон во текстот за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ).
Актуелната криза, според нив, дава можност да се врати консензусот за меѓународниот поредок преку ефективна соработка, солидарност и координација, како што додаваат, поредок што ќе се потпира на мултилатерализам и владеење на правото.
Покрај Меркел и Макрон, текстот го потпишаа и претседателот на Сенегал, Маки Сал, како и генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.
„Кризата предизвикана од ковид-19 е најголемиот тест за светска солидарност“, истакнуваат тие и додаваат дека и само едно место во светот да биде под влијание на овој вирус, сите луѓе и економии во светот се загрозени.
Од тоа треба да се извлечат поуки за идните кризи, потенцираат тие.
„Наместо да ги користиме културата и вредностите едни против други, ние мора да градиме повеќе интегративен мултилатерализам. Притоа ние мора да обрнеме внимание на сите наши разлики, како и на нашите заеднички вредности, кои се дел од Конвенцијата за човекови права“, поентираат светските претставници.
Тие истакнуваат дека не е само пандемијата што бара силен и меѓународно координиран одговор, наведувајќи ги како пример натамошните предизвици, како што се глад, екстремна сиромаштија, болести, економски потреси, конфликти и климатски промени.
Тие повикаа на посилно залагање за демократија, образование и еднаквост, како и против национализмот и протекционизмот.