Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) го повлече одобрението за употреба на антималаричните лекови, хидроксихлорокин и хлорокин, за третман на пациенти со коронавирус.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, се залагаше за употреба на овие лекови во третманот на коронавирус, па дури и призна дека и самиот ги користел. Сепак, ФДА наведува дека, врз основа на новите докази кои им се на располагање, „веќе не е разумно да се верува“ дека употребата на хидроксихлорокин и хлорокин може да биде ефикасна во третманот на ковид-19, пренесува „Ројтерс“.
ФДА наведува, повикувајќи се на извештаи за срцеви компликации, дека недокажаните придобивки од користењето на овие лекови не ги надминуваат познатите и потенцијалните ризици.
Како што е наведено, овие лекови, кои се користат и за лекување лупус и ревматоиден артритис, можат да предизвикаат проблеми со срцевиот ритам, екстремно низок крвен притисок и оштетување на мускулите или нервите.
Агенцијата наведува дека има добиено речиси 390 извештаи за компликации предизвикани од употребата на овие лекови, од кои повеќе од 100 се поврзани со предизвикување сериозни проблеми со срцето. ФДА ја одобри употребата на овие лекови во март, во екот на пандемијата на коронавирус.
Сепак, американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека другите земји доставиле „одлични извештаи“ за ефикасноста на антималаричниот лек, хидроксихлорокин, во третманот на пациенти со коронавирус.
Трамп рече дека само американските агенции не ја разбрале неговата корист, пренесува „Ројтерс“.