Речиси целата исландска влада е во карантин по вечера во хотел во кој имало инфекција на коронавирус. Девет од 11 членови, меѓу кои и премиерката Катрин Јакобсдотир, биле на вечерата и тие ќе треба да бидат тестирани двапати, соопштија од кабинетот на премиерот.
Одлуката е донесена откако било откриено дека неколку лица кои престојуваат во хотелот „Ранга“ биле заразени со коронавирус, а министрите вечерале во тој хотел на 18 август.
Од 10 случаи на коронавирус во Исланд вчера, седуммина се регистрирани во тој хотел, пренесува порталот „Рејкјавик грејпвајн“.
Секој што присуствувал на вечерта мора да помине два рунда на тестирање.
Премиерката Јакобсдотир веќе еднаш се тестирала, а таа и другите членови на владата треба да направат и втор тест во понеделник. На вечерата не присуствувале само министерката за здравство и министерот за социјална заштита.
Додека ги чекаат резултатите од тестот, министрите треба да останат дома и да работат од далечина.
Исланд постави услов сите патници кои влегуваат во земјата да бидат во карантин во траење од 14 дена, или да бидат тестирани за коронавирус двапати во пет дена.