Полицијата на Флорида завчера изврши рација во домот на научничката Ребека Џонс, задолжена за податоци за ковид-19, која беше отпуштена од државниот министер за здравство во мај. Агенцијата за безбедност истражува дали Џонс имала пристап до системот за пораки на државната власт без овластување, преку кој наводно, таа ги поттикнувала другите вработени да зборуваат отворено за прикривањето на смртните случаи од страна на гувернерот на Флорида Рон Десантис, пренесува „Си-ен-ен“.
Џонс изјави дека не пристапила до ниту еден државен систем за пораки и дека го изгубила пристапот до нејзиниот профил откако била отстранета од својата позиција. Таа исто така тврди дека ова е тактика за заплашување од страна на гувернерот Десантис.
Според видео снимено во нејзината куќа, може да се забележи како десет вооружени полицајци влегуваат додека таа се обидувала да се подготви да ја отвори влезната врата. Џонс тврди дека полицајците ги насочиле пушките кон нејзината двегодишна ќерка, 11-годишен син и кон нејзиниот сопруг, кои во тој миг се наоѓале недалеку од скалите. За време на рацијата, на Џонс ѝ биле одземени сите електронски уреди додека ѝ бил вперен пиштол кон нејзиното лице.
– Агентите тропнаа на вратата и ја повикаа Џонс во обид да се минимизира вознемиреноста на семејството, а таа одбивала да излезе 20 минути. Нејзиното семејство било внатре кога агентите влегоа – изјави портпаролката на одделот за спроведување на законот Гретл Плесингер, која не одговори на прашањата зошто полицајците влегле вооружени.
„Време е да проговориме пред да умрат уште 17.000 луѓе. Знаете дека ова не е во ред. Не мора да бидете дел од ова. Бидете херои. Зборувајте пред да биде доцна“, се вели во спорната порака до околу 1.750 примачи, која Џонс наводно ја испратила до нејзините колеги на 10 ноември.
– Јас не сум хакер. Властите исто така забележаа дека начинот на кој е испратена пораката воопшто не прилега на начинот на кој јас зборувам и содржи грешки што јас не би ги направила. Бројот на смртни случаи не беше ни точен. Стануваше збор за само 430 смртни случаи – вели Џонс.
Таа верува дека упадот во нејзиниот дом го организирал гувернерот Рон Десантис, бидејќи по нејзиниот отказ, таа е еден од неговите најостри критичари. Џонс, која помогна во создавањето на државната база за податоци за коронавирус на Флорида, беше отпуштена во мај. Таа тврди дека отказот претставува одмазда за нејзиното одбивање да манипулира со броевите и да го минимизира обемот на епидемијата.
По рацијата во понеделникот, Џонс рече дека иако нема да престане да работи со објавување на податоци за коронавирусот, таа и нејзиното семејство планираат да се преселат подалеку од Флорида.
– Ќе заминеме од овде. Едно е да вперите пиштол кон мене, сосема друга работа е да им вперите оружје кон моите деца – вели Џонс.
Рацијата би можела да влијае на другите државни службеници
– На мојот телефон, кој беше запленет во рацијата, е секој контакт што некогаш сум ја имала со колегите, кои ми пристапиле со доверба и можеби кажале нешто што би им предизвикало проблеми или добивање отказ. Гувернерот Десантис набрзо ќе дознае дека сте биле во комуникација со мене. Бидете внимателни – изјави Џонс за „Си-ен-ен“.
Иако Џонс не беше уапсена или кривично обвинета, таа поседувала документи до кои легално пристапила кога била вработена. Правните експерти велат дека запленетите електронски уреди сега би можеле да се искористат за откривање на изворите на Џонс, и дали тие прекршиле правила кои се однесуваат на поседување, примање, потекло или дистрибуција на податоците.
Адвокатите во Флорида велат дека државните работници кои протекле податоци до Џонс би можеле да се соочат со дисциплинска постапка или правни проблеми, иако можеби ќе можат да побараат заштита според државните законите за свиркачи.