Вакцината со специфично име ChAdOx1 nCoV-19 е безбедна, постојат нуспојави, но не се опасни

Охрабрувачка вест од Универзитетот во Оксфорд

Вакцината против коронавирусот што ја разви Универзитетот во Оксфорд се чини безбедна и го стимулира имунолошкиот систем. Во испитувањата биле опфатени 1.077 лица и притоа се покажало дека вакцината го предизвикала имунолошкиот систем да произведува антитела и бели крвни клетки што би можеле да се борат против короната.
Откритијата се многу ветувачки, но сè уште е рано да се каже со сигурност дали ова е доволна и целосна заштита, така што се спроведуваат и пошироки истражување.
Вакцината, наречена ChAdOx1 nCoV-19, се развива со голема брзина, јавува Би-би-си. Изработена е од генетски модифициран вирус што предизвикува настинки кај шимпанзата.
Научниците прво значително го изменија, за да не може да се предизвика инфекција кај луѓето, но и да „личи“ повеќе на коронавирусот. Тие го сторија тоа така што на вакцината што ја развиваа и ги префрлија генетските упатства за шилестиот коронавирусен протеин, клучната „алатка“ што ги напаѓа нашите клетки.

Тоа значи дека оваа вакцина што личи на коронавирусот би можела да го научи имунолошкиот систем како да го нападне.
Фокусот на научниците досега беше ставен врз антителата, кои е само еден дел од одбраната на нашиот имунолошки систем. Антителата се мали протеини произведени од имунолошкиот систем што се лепат на површината на вирусот. Неутрализирачките антитела би можеле да го спречат коронавирусот да ги нападне клетките во нашето тело.
Т-лимфоцитите, еден вид бели крвни клетки, помагаат при координирањето на имунолошкиот систем и се способни да забележат која телесна клетка е заразена и притоа да ја уништат. Речиси сите ефективни вакцини предизвикуваат и антитела и одговор на Т-лимфоцити.

Нивоата на Т-лимфоцити достигнаа врв 14 дена по вакцинирањето, а нивото на антитела го достигна врвот по 28 дена. Студијата не траеше доволно долго за да разбереме како би изгледал долготраен имунитет.
Би-би-си тврди дека вакцината е безбедна, но и дека има несакани ефекти. Но земањето на вакцината не предизвикува опасни несакани ефекти, кај 70 проценти од луѓето се јавува треска или главоболка. Истражувачите велат дека проблемот може да се реши и со парацетамол.
– Има уште многу работа пред да потврдиме дали нашата вакцина ќе помогне во справувањето со пандемијата на ковид-19, но досегашните резултати се ветувачки – изјави професорката Сара Гилберт од Универзитетот во Оксфорд.
Велика Британија веќе нарача 100 милиони дози од вакцината.


Оптимистички најави од научните кругови во Русија

Од септември масовно производство на вакцини против коронавирусот

По појавата на првите заболени од коронавирусот, лекарите, но и научниците од целиот свет, почнаа да размислуваат за наоѓање ефикасен лек за оваа „модерна чума на 21 век“. Речиси секојдневно од сите страни на светот доаѓаат информации, кои велат дека практично целиот светски научен потенцијал е вклучен во решавањето на една од најголемите загатки на новото време

Има 141 прототип на вакцини против ковид-19

Во прилог на ваквото размислување оди и фактот дека во светот досега се развиени 141 прототип на вакцини, а има информации дека се работи на значително повеќе проекти.
Токму затоа, како голем чекор напред може да се толкува информацијата што ја пренесуваат повеќе светски медиуми, а доаѓа од научните кругови во Москва.
Во август Русија ќе почне со масовно производство на првата светска вакцина против коронавирусот, што ја разви институтот „Гамалеј“. Како што изјави за јавноста директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитријев, до крајот на годинава би можеле да се произведат 200 милиони дози.
Испитувањето на првата вакцина во светот е направено со помош на доброволци на универзитетот „Сеченовски“ во Русија. Истражувањата се веќе успешно завршени. Целта на оваа фаза од тестирањето е да се потврди безбедноста на вакцината врз здравјето на луѓето, а тоа е направено.

Според зборовите на Дмитријев, на пазарот прво ќе се појават вакцините засновани врз аденовирус, кои ќе добијат официјално одобрување во септември, а вакцината заснована врз новата технологија ќе се појави најрано на почетокот од следната година, бидејќи нејзината безбедност сè уште треба да се испитува, пренесува „Танјуг“.

Наредната година ефикасна борба против коронавирусот со вакцинација

Како што проценува Дмитријев, следната година би биле произведени повеќе од три милијарди дози вакцини, засновани на аденовирусни вектори, „што би му овозможиле на светот ефикасна борба против коронавирусот“, пренесува и „Спутник“.
Виталиј Зверев, академик во Руската академија на науките, доктор по биолошки науки и научен директор на институтот за вакцини и серуми „Мехников“, објаснува дека коронавирусот сега циркулира меѓу човечката популација и дека повеќе од 200 земји се соочуваат со оваа закана, но дека се заболени околу 15- 20 проценти, додека другите се заразени и се носители на вирусот, а повеќе од половината од нив немаат никакви симптоми.

Зверев смета дека успехот на третманот против вирусот не треба да биде поврзан со создавањето на вакцината и предупредува дека не треба да се брза со вакцината, со намера се избегнат пропусти, притоа истакнувајќи дека во нормални услови на вакцината би се работело од четири до пет години.

Борбата против ковид-19 треба да се одвива на повеќе фронтови

Виталиј Зверев, академикот во Руската академија на науките, вели дека процесот на создавање односно аплицирање на вакцината може да се забрза со отстранување на бирократските пречки, но ни тука нема потреба да се брза, затоа што таа бирократија, која постои со години и децении, е оправдана.
Најважната работа, посочува вирологот, е вакцината да биде ефикасна и да нема несакани ефекти.
Тој забележува дека прототипот на вакцината може да се направи во лабораторија за неколку месеци, но дека е невозможно да се провери за половина или една година.
Во жестоката трка за создавање вакцина што би го победила ковид-19, влегоа многу лаборатории и институти во светот, бидејќи, меѓу другото, за секоја земја производител тоа станува прашање на престиж, но и профит.

Само во Русија се развиваат околу 47 вакцини, а три прототипи од руската вакцина против коронавирусот ја покажаа нивната ефикасност.
Покрај во Русија, вакцина против ковид-19 се тестира во САД, Кина, Јапонија, Сингапур и во неколку европски земји.