Откако САД одобриja две ковид-вакцини во декември минатата година, тоа беше зрак на надеж во пандемијата. Научниците создадоа вакцина побрзо од која било друга вакцина во историјата. Се чинеше како крајот на маките да е на видик, но оттогаш многу работи тргнаа наопаку, пренесува „Атлантик“.
„Фајзер“ откри дека милион дози чекаат да бидат транспортирани и стојат по магацини и складишта, додека властите ги забавија работите потпирајќи се на збунувачки упатства за тоа кој кога може и треба да се вакцинира. Неискористените дози се со истечен рок и се фрлаат.
Иако ова се чини како тешка мака, таа не е главниот проблем. И во минатото, создавањето на вакцини било полесниот дел од мисијата, а потешкиот дел доаѓал кога вакцините требало да се дистрибуираат и да стигнат до луѓето. Првата вакцина се соочила со многу технолошки, географски и медицински бариери, во споредба со кои денешните пречки изгледаат дури незабележливи.
На крајот на 18-тиот век, сипаниците беа најстрашната болест на планетата. Голем број од заболените умирале, а оние кои преживувале биле ослепени или со големи лузни по телото. Британскиот доктор Едвард Џенер забележал дека оние кои заболеле од сродна и послаба болест, кравји сипаници, имаат поголема шанса да ги преживеат смртоносните сипаници. Во 1796 година, тој ги изложил пациентите на кравји сипаници, со тоа создавајќи ја првата вакцина.
Луѓето со кравји сипаница развивале пликови исполнети со течност наречена лимфа. Лекарите ги отворале раните, ја мачкале лимфата на свила и ја оставале да се исуши. Потоа во друг град ја растворале лимфата со вода за да ја реконституираат и ги повивале рацете и нозете на оние заболени од сипаници. Процесот бил јасен, но макотрпен.
Вистинската неволја започна кога лекарите се обиделе да вакцинираат луѓе кои биле далеку. Лимфата може да ја изгуби својата моќ патувајќи дури и од Лондон до Париз, а камоли до Америка, каде што била очајнички потребна.
Шпанија имама тешкотии да ги достигне своите колонии во Централна и Јужна Америка, па затоа во 1803 година здравствените власти се одлучиле на радикален, нов метод за дистрибуција на вакцината преку Атлантскиот Океан, со помош на деца сираци.
Kралската филантропска експедицијаиспловила во ноември 1803 година. Дваесет и двајца сираци, на возраст од три до девет години тргнале кон колониите, придружувани од водечкиот лекар Франциско Ксавиер де Балмис.
Веднаш пред да заминат за колониите, првите две момчиња биле изложени на сипаници. По девет или десет дена на море, раните на нивните раце созреале. Потоа тим од лекари на бродот ги заразувал следните две момчиња, и така натаму. Со добро управување и малку среќа, се сметало дека бродот би пристигнал во Америка кога последниот пар сираци сè уште на себе има рани. Лекарите тогаш би можеле да започнат да вакцинираат луѓе во новиот свет.
Шпанскиот крал, Карлос Четврти, на сираците им дал неколку ветувања. Тие биле добро хранети за време на патувањето за да се осигури дека при пристигнувањето изгледаат здрави, бидејќи никој не би сакал лимфа од рака на болно и слабо дете. По пристигањето, тие добивале бесплатно образование и шанса да бидат посвоени и да започнат нов живот.
Експедицијата речиси пропаднала. Кога бродот пристигнал во денешен Каракас, Венецуела, во март 1804 година, била останата само една рана на раката на едно момче. Но, тоа било доволно. Балмис веднаш започнал да вакцинира. Според извештаите, Балмис и неговиот тим вакцинирале 12.000 луѓе за два месеца, а бројката подоцна достигнала 300.000 луѓе. Насекаде камбаните биеле и луѓето среќно ги пречекувале Балмис и неговиот тим од лекари. Подоцна, тој се упатил кон Филипините, па дури стигнал и до Кина во 1805 година, со тоа проширувајќи ја вакцината.
Постигатите резултати биле неверојатни. Без никаква модерна опрема или превоз, тимот на Балмис успеал за помалку од една деценија да ја прошири вакцината низ целиот свет, вакцинирајќи стотици илјади луѓе и потенцијално спасувајќи милиони животи.