Британскиот премиер Борис Џонсон ќе ги објави деталите на планот за рестартирање на економијата, откако претходно тој претстави конфузен нацрт на тој план.
Обраќајќи и се на нацијата, Џонсон рече дека карантинот нема да се укине, но охрабрува дел од населението да се врати на работа, иако премиерите на Шкотска, Велс и Северна Ирска ги повикаа граѓаните да се придржуваат кон постојните одредби да не излегуваат од дома.
Тој рече дека физичката активност ќе биде дозволена, некои фабрички работници ќе можат да се вратат на работа, додека училиштата делумно ќе се отворат во јуни.
Владата ќе објави 50 страници детални упатства во 15 часот по средноевропско време, рече денес министерот за надворешни работи, Доминик Рааб.
Обидот на Џонсон да ги претстави насоките за ублажување на мерките предизвика несогласување од страна на конститутивните делови на Велика Британија и критика од опозициските партии, кои тврдат дека насоките се збунувачки за јавноста.
Лидерот на најголемиот британски синдикат, Лен Меккласки, рече дека Џонсон ја збунил јавноста.
– Милиони луѓе ќе бидат целосно запрепастени утрово – рече тој.
Владата ја замени паролата „останете дома“ со нова порака „останете подготвени“. Опозицијата го критикуваше новиот слоган, велејќи дека е двосмислен.
Премиерката на Шкотска, Никола Старџон, изјави дека единствено ќе им дозволи на луѓето да вежбаат повеќе, додека другите мерки нема да ги ублажува.