Неспособното справување на бразилските власти со пандемијата ја изложува целата планета под ризик, бидејќи со тоа Бразил станува отворена лабораторија за појавување на нови и поопасни варијанти на вирусот, предупредува Мигел Николелис, еден од врвните научници на оваа јужноамериканска земја, пренесува „Гардијан“.
– Справувањето на бразилските власти со пандемијата мора да биде жестоко осудено од светот. Која е поентата останатите земји да се борат со вирусот, а Бразил да продолжува да биде лабораторија за негово распространување, па и создавање на нови смртоносни мутации? Не се работи само за Бразил, туку за целиот свет! – вели Николелис, додавајќи дека една загрижувачка варијанта на вирусот, П1, веќе е пронајдена во Манаус, најголемиот град во бразилскиот дел од Амазон.
Николелис смета дека бразилскиот претседател, Жаир Болсонаро, постојано ги подрива обидите за борба против вирусот, нарекувајќи го „обичен грип“, не го поддржува дистанцирањето, промовира недокажани лекови како што е хидроксихлорокинот и ги исмејува заштитните маски и нивното носење.
– Поради сето ова, Болсонаро стана „глобален јавен непријател“ за време на пандемијата и ја саботира борбата на глобално ниво – објаснува Николелис.
Наместо да преземе заштитни мерки, Болсонаро им рече на Бразилците „да престанат да се жалат“.
– Престанете да цмиздрите за коронавирусот. Уште колку можете да издржите затворени? Секако ние жалиме за големиот број смртни случаи, но мора да се изнајде решение – изјави Болсонаро, додека бројот на жртви до март се искачи над 250.000 илјади.
Според претпоставките на Николелис, оваа бројка двојно ќе порасне до март идната година. Иако Болсонаро смета дека не сторил ништо погрешно, со оправдување дека не ги поддржува рестриктивните мерки за да ја заштити економијата, Хозе Гомес Темпорао, бразилскиот министер за здравство за време на пандемијата на свински грип во 2009 година, тврди дека справувањето на Болсонаро со пандемијата е толку лошо, што тој и другите членови на неговата администрација наскоро „ќе треба да одговараат“.
– До денес Бразил нема национален план за борба против ковид-19. Мислам дека нема друг претседател што е толку заблуден, толку заостанат и има толку погрешна и искривена слика за реалноста како претседателот Болсонаро. Историјата ќе им суди на овие луѓе – рече Темпорао.