Државите и приватните донатори вчера собраа близу 2,4 милијарди американски долари за програмата за поделба на вакцини „Ковакс“, обидувајќи се со ова да ги направат вакцините против ковид-19 подостапни и за луѓето во посиромашните земји.
Собраните средства ќе му овозможат на системот „Ковакс“ да обезбеди 1,8 милијарди целосно субвенционирани дози на вакцини што ќе бидат доставени до посиромашните земји, во 2021 година и почетокот на 2022 година, што ќе биде доволно за да се заштити 30 проценти од возрасното население во тие земји, изјавија надлежните.
„Направивме голем чекор кон заштита на светот“, рече Хозе Мануел Баросо, претседател на „ГАВИ“. Вкупниот буџет на „ГАВИ“ се зголеми на 9,6 милијарди со новото финансирање, додаде тој.
Јапонскиот премиер Јошихиде Суга, чија влада собра дополнителни 800 милиони, го нарече резултатот исклучително значаен чекор кон еднаков пристап до вакцината против коронавирусот. Јапонија, исто така, ќе донира околу 30 милиони дози вакцини произведени во нивната земја преку „Ковакс“, најави тој.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, чија земја донираше 15 милиони дози и 50 милиони евра, рече: „Водејќи се единствено од примери, можеме да бидеме ефикасни и солидарни“.
Австралија соопшти дека му дава на „Ковакс“ дополнителни 50 милиони австралиски долари, додека Канада, Шведска, Франција и Швајцарија беа меѓу другите земји кои ги објавија новите донации.
– Земјите со високи примања резервираа повеќе вакцини отколку што им требаат. Без да ги загрозат нивните домашни планови за вакцинација, овие земји можат да бидат дел од обидот за глобален пристап кон вакцината со споделување на вишокот дози. Ги охрабрувам овие земји да бидат отворени и да се вклучат во споделување на една милијарда дози што е можно поскоро во 2021 година, претежно преку програмата „Ковакс – рече Бил Гејтс.
Фондацијата на Гејтс подоцна објави 50 милиони долари донации за „Ковакс“.